Цената на бензинот денес во просек изнесуваше 4,18 долари за галон (околу 94 центи за литар), што е највисоко ниво од почетокот на руско-украинската војна во 2022 година.
Зголемувањето на цените доаѓа во време кога Белата куќа е скептична кон иранскиот мировен предлог кој има за цел да ги одложи дискусиите за нуклеарната програма на Техеран, а претседателот Доналд Трамп инсистира дека секој договор мора да вклучува откажување од збогатување на ураниум од страна на Иран.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Иран го информирал за економските превирања во земјата поради американската поморска блокада и дека сака повторно да го отвори Ормускиот теснец.
„Иран тукушто нè информираше дека е во „состојба на колапс““, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут соушал. „Тие сакаат да го „отвориме Ормускиот теснец што е можно поскоро“ додека се обидуваат да ја решат ситуацијата со нивното раководство (што верувам дека ќе успеат!)“.
Според проценките на аналитичарите, американската блокада на иранските пристаништа и бродови, воведена како одговор на затворањето на теснецот од страна на Иран, ја чини земјата од Блискиот Исток околу 400 милиони долари дневно. Во текот на викендот Трамп го откажа вториот круг директни разговори во Пакистан, наведувајќи ги поделбите во иранската влада и предлогот што не ги исполни американските очекувања.
„Нема постојано да поминуваме 15 часа во авиони, патувајќи таму и назад, за да добиеме документ што не е доволно добар“, изјави тој за Фокс њуз.
Обединетите Арапски Емирати денес објавија дека ги напуштаат ОПЕК и ОПЕК+, што е голем удар за групите извозници на нафта и нивниот де факто лидер, Саудиска Арабија. Одлуката доаѓа во време кога војната со Иран предизвика историски енергетски шок кој ја наруши глобалната економија.
Министерот за енергетика на ОАЕ Сухаил Мохамед ал-Мазруеи изјави за Ројтерс дека одлуката е донесена по внимателно разгледување на енергетските стратегии на земјата. На прашањето дали се консултирале со Саудиска Арабија, тој одговори дека ОАЕ не разговарале за ова со ниедна друга земја.
Излегувањето на ОАЕ од ОПЕК претставува победа за американскиот претседател Доналд Трамп, кој ја обвини организацијата дека „го ограбува остатокот од светот“ со зголемување на цените на нафтата.
Инвестициската банка Голдман Сакс во извештај објавен вчера наведе дека цените на нафтата би можеле да бидат значително повисоки подоцна оваа година отколку што се сега. Аналитичарите на банката ја зголемија својата прогноза за сировата нафта Брент за четвртиот квартал од 2026 година од 80 на 90 долари за барел.
Барел Брент моментално се тргува по цена од околу 111 долари. Аналитичарите укажуваат на можни „лузни“ врз производствениот капацитет на Блискиот Исток и загриженоста на инвеститорите за идните прекини во снабдувањето како резултат на војната. Во тој случај, Брент би можел да достигне цена од 120 долари.






