Филипините, Перу, Гана и многу други земји велат дека солидарноста потфрлила, а генералниот секретар на ОН нееднаквата распределба на вакцините против ковид-19 ја нарече „бесрамна“, пренесува Ројтерс.
„Богатите земји складираат вакцини, додека сиромашните земји ги добиваат на лажичка“, рече претседателот на Филипините, Родриго Дутерте.
„Сега тие веќе зборуваат за дополнителна вакцинација, додека земјите во развој ги делат дозите на половина за да ја прегрмат ситуацијата. Ова е шокантно и мора да се нарече со вистинското име – себичност, која не е ниту оправдана ниту морална“, рече Дутерте.
Околу 35 проценти од луѓето во светот што примиле барем една доза вакцина доаѓаат од земји со високи приходи, од кои 28 проценти се од Европа и Северна Америка.
Во меѓувреме, стапката на вакцинација во некои земји, како што се Хаити или ДР Конго, е помала од еден процент.
Африка е тешко погодена од т.н. вакцинален национализам, при што околу 900 милиони Африканци допрва треба да примат вакцина за континентот да достигне 70 проценти вакцинација.
Америка вчера вети дополнителни 500 милиони дози вакцини за други земји, а Кина две милијарди дози вакцини за остатокот од светот до крајот на годината.






