Трамп ја тужи својата внука за откривање доверливи документи, кои укажуваат на даночни измами извршени од Доналд Трамп. Додека Мери Трамп во своите мемоари објавени во 2020 година самата се откри како извор на новинарска истрага, Трамп сега ја обвинува за прекршување на договорот според кој таа не смеела да ги открие тие доверливи информации.
Инаку, Мери Трамп е ќерка на починатиот брат на Трамп, Фред Трамп Џуниор, кој почина во 1982 година на 42-годишна возраст.
Досега, Доналд Трамп постојано ги негираше обвинувањата на 56-годишната внука од нејзината книга „Премногу и никогаш доволно – Како моето семејство создаде една од најопасните личности во светот“. Во таа книга, Мери Трамп детално опишува како им помогнала на новинари да дојдат до извори за својата долга репортажа, во која детално е опишано како Трамп, со помош на даночни измами и други нелегални активности, успеал во текот на 1990-те години значително да го зголеми богатството кое му го оставиле неговите родители.
Според тужбата, новинарите на Њујорк Тајмс Сузан Крег, Дејвид Барстоу и Расел Бутнер, соработувале со Мери Трамп затоа што таа сакала „да му се одмазди на својот чичко“. Минатата година, самата Мери го тужеше чичко ѝ Доналд. Во тужбата, таа тврди дека поранешниот американски претседател, заедно со другите членови на семејството ја „истуркале“ од наследството.






