Врховниот лидер на талибанците, Амир-ул Моминин, со декрет ги претстави 17 членови на владата, според високиот портпарол на исламистите Забиула Муџахид.
Во новата влада, за министер за трговија е избран маж од североисточниот регион Панџшир, а еден од замениците во Министерството за здравство е избран од редовите на малцинската етничка група Хазар, рече Муџахид.
Талибанците притоа во голема мера се воделе од критериуми за професионалност, тврди тој.
Првиот избор на талибанската влада беше мета на критики затоа што не беше доволно инклузивен, со оглед на тоа што повеќето членови доаѓаат од редовите на талибанците и Паштуните.
Во меѓувреме, двајца високи команданти на талибанците, Садр Мулах Мохамад Ибрахим и Мула Абдул Кајум Закир, се назначени за заменик -министри за внатрешни работи и за одбрана.
Повторно, на новата листа нема жени, што укажува дека талибанската влада ќе остане целосно машка.
Помина еден месец откако талибанците ја презедоа власта, но ниту една земја официјално не ги призна како легитимна влада на Авганистан.
Муџахид рече декадолжност на меѓународната заедница и земјите во регионот е да воспостават дипломатски врски со новата авганистанска влада и се надеваат дека во блиска иднина ќе бидат признаени.
Прашањето за инклузивност е клучно, при што владите ширум светот проценуваат дали да ги признаат талибанците и повторно да овозможат помош, од што зависи земјата.
Членовите на талибанската влада се објавени во време на зголемена стапка на невработеност и уште пошироко раширена сиромаштија, како резултат на ненадејниот пад на владата и прекинот на меѓународното финансирање.






