Меѓу оние кон кои се насочени санкциите се синот Алехандро Кастро Еспин и внукот Раул Алехандро Кастро Калис на поранешниот претседател Раул Кастро, кој повеќе не извршува официјална функција, но останува клучна фигура во одлучувањето за иднината на земјата.
Претседателот Мигел Дијаз-Канел, неговата сопруга Лис Куеста Пераза и неговиот посинок исто така се погодени од најновите санкции издадени во четврток од Министерството за финансии на САД, како и Министерството за револуционерни вооружени сили и неколку други ентитети.
Соединетите Американски Држави имаат ембарго врз Куба со децении, но претседателот Доналд Трамп значително го зголеми притисокот врз островот во последните месеци и отворено размислува да ја преземе контролата врз него.
Де факто блокадата на горивото ја продлабочи енергетската криза на островот и ја погоди веќе кревката економија.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави на платформата Икс дека САД „ја таргетираат мрежата што ги овозможува и финансира субверзивните и радикални операции на Куба“ затоа што САД „веќе нема да толерираат радикални марксистички режими“ кои ја извезуваат својата „токсична и зла ‘револуција’“ во САД и на други места.
Рубио рече дека санкциите сега се однесуваат на Министерството за револуционерни вооружени сили на Куба, Кубанскиот институт за пријателство со народите, Амистур Куба и Комитетите за одбрана на револуцијата.
„Секој што им обезбедува услуги на овие санкционирани актери ризикува самиот да биде санкциониран. Странските банки и другите компании што им обезбедуваат услуги на овие ентитети треба да ги замрзнат тие активности“, рече Рубио.
Најновите санкции следат по потегот во 2025 година кога Вашингтон ги ограничи визите за кубанскиот претседател и други високи владини функционери.
Трамп постојано навестуваше дека кубанската влада би можела да биде следната по Венецуела што ќе попушти под притисокот на САД.






