49-годишен Германец е уапсен по убиството на 20-годишен вработен на бензинската пумпа, кое се случи во саботата во западниот германски град Идар-Оберштајн.
Властите соопштија дека уапсениот ѝ рекол на полицијата дека пукал „во афект“, откако службеникот одбил да го послужи бидејќи немал маска кога сакал да купи пиво.
„Тој за време на сослушувањето додаде дека ги одбива мерките против коронавирусот“, рече полицијата од Трир.
Обврската за носење заштитни маски во продавниците е една од мерките во Германија во обид да се спречи ширењето на коронавирусот.
Според полицијата, осомничениот ја напуштил бензинската пумпа по расправијата со службеникот, но се вратил половина час подоцна со маска на лицето и го застрелал 20-годишниот работник во глава.
Осомничениот, германски државјанин чие име не се соопштува, избегал од местото на настанот и во неделата наутро ѝ се предаде на полицијата.
Аналена Бербок, германската кандидатка од Партијата на зелените од левиот центар за наследничка на канцеларката Ангела Меркел, изрази ужасеност од убиството. Федералните избори во Германија се закажани за в недела.
„Потресена сум од ова ужасно убиство на момче што само барало да се почитуваат важечките правила“, напиша Бурбок на Твитер.
Mich erschüttert der furchtbare Mord an einem jungen Mann, der nur darum bat, die geltenden Regeln zu befolgen, umsichtig und solidarisch zu sein. Mein Mitgefühl gilt seiner Familie und seinen Nächsten.
— Annalena Baerbock (@ABaerbock) September 21, 2021
Таа, исто така, изрази загриженост поради радикализацијата на движењето составено од луѓе што се противат на носењето маски и на вакцините, но и на теоретичарите на заговори и некои ултрадесничарски екстремисти.
Властите не кажаа дали осомничениот за убиството на бензинската пумпа е поврзан со движењето, кое е под строг надзор на германските безбедносни сили, по серијата големи антивладини протести, од кои некои беа насилни.
Обвинителството за германската новинска агенција Дпа изјави дека осомничениот претходно не ѝ бил познат на полицијата, како и дека нема дозвола за оружјето што е пронајдено во неговата куќа.
Пол Зјемјак, генералниот секретар на Христијанско-демократската унија на Ангела Меркел, го нарече убиството „неразбирливо“.
„Еден млад човек беше ликвидиран затоа што ја посочил обврската да се носи заштитна маска. Неразбирливо ниво на радикализација“, напиша тој на Твитер.
Eine unfassbare Tat, ein unfassbarer Anschlag. Ein junger Mensch wird nahezu hingerichtet, weil er auf die Maskenpflicht hinweist. Ein unfassbares Maß an Radikalisierung!
??https://t.co/hYV54OwVmB— Paul Ziemiak (@PaulZiemiak) September 21, 2021
Минатата недела социјалната мрежа Фејсбук отстрани речиси 150 профили и страници поврзани со движењето Кверденкен (латерално размислување), во согласност со новата регулатива што е фокусирана на групи што шират дезинформации или поттикнуваат насилство.






