вторник, 21 јули 2026

Путин ѝ се заблагодари на Северна Кореја за поддршката во војната против Украина

Рускиот претседател Владимир Путин ја прими министерката за надворешни работи на Северна Кореја и му се заблагодари на Пјонгјанг за поддршката во војната против Украина. Руските државни медиуми средбата ја опишуваат како продолжение на интензивната дипломатија меѓу двете земји.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Посетата на министерката Чое Сон Хуи не е поврзана со меѓународен собир или годишнина, што поттикна шпекулации дека можеби го подготвува новото доаѓање на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Русија. Државните медиуми во Пјонгјанг објавија дека Чое отпатувала пред два дена на покана на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, но не наведоа детали за целите на посетата.

Портпаролот на јужнокорејското Министерство за обединување, Јун Мин Хо, денеска изјави дека Сеул внимателно го следи развојот на настаните, но не сакаше да шпекулира дали двете страни разговараат за нов самит.

Руската агенција ТАСС пренесува дека Путин на средбата во Кремљ ги пофалил билатералните односи и повторно изразил „благодарност до севернокорејското раководство и народ“ за поддршката на воената операција во Украина.

Чое му пренесе на Путин дека Ким е посветен на „сеопфатен развој“ на односите со Русија. Во последните години Ким Џонг Ун ја постави Русија како надворешнополитички приоритет. Како поддршка за војната во Украина, тој испрати илјадници војници и големи количини оружје, најверојатно во замена за економска помош и трансфер на технологии.

Дел од експертите проценуваат дека таквата соработка ги зајакнува воените капацитети на Северна Кореја. Во исто време, Ким работи и на зацврстување на врските со Кина, а во јуни Пјонгјанг беше домаќин на кинескиот претседател Си Џинпинг. Со тоа го прифаќа концептот на „нова студена војна“ и ја позиционира Северна Кореја како дел од блокот спротивставен на Вашингтон.

Посетата на министерката Чое на Москва доаѓа непосредно по серијата средби меѓу севернокорејски и кинески претставници. Севернокорејскиот премиер Пак Те Сонг, клучниот човек на Ким за економија, се сретна со Си во Пекинг, а Ванг Хунинг, член на Постојаниот комитет на Политбирото на Комунистичката партија на Кина, го посети Пјонгјанг.

По неуспехот на преговорите за денуклеаризација со американскиот претседател Доналд Трамп во 2019 година, Ким го прекина дијалогот со САД и Јужна Кореја. Војната во Украина ја искористи за забрзан развој на сопствената нуклеарна и ракетна програма, барајќи Вашингтон да се откаже од денуклеаризацијата како предуслов за нови преговори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ