Косовската полиција во соопштението истакнува дека таа информација не е точна и дека има за цел „да ја дезинформира јавноста, да ја претстави ситуацијата небезбедна за граѓаните како и за исполнување различни политички амбиции надвор од Косово“.
„По службените проверки се покажа дека таквите информации се невистинити, бидејќи на граничниот премин немало сопирање ни контакти со какви било демонстранти, но полициската единица по пат проверила три камиони, односно нивните возачи кои возеле зад полицискиот конвој загрозувајќи ја безбедноста на полицајците и полициската операција“, соопшти косовската полиција.
Како што се наведува, „полицајците ги задржале, провериле, а потоа пуштиле тројцата возачи од косовска националност, кои добиле упатства да се јават во полициската станица во Јужна Митровица“.
Со соопштението се доставени и идентификациски документи на тројцата задржани, кои ги верификувале полициски службеници, и кои сведочат, како што тврди косовската полиција, и истовремено ги негираат вестите и дезинформациите на медиумите.
Како што претходно јави РТС „двајца од тројцата Срби кои утринава ги претепале припадници на специјалните полициски единици РОСУ на административниот премин Брњак, добиле тешки телесни повреди на лицата и телата и се хоспитализирани во Косовска Митровица“.
Директорот на клиничкиот центар во Косовска Митровица Златан Елек за РТС кажа дека „повредите се последица од удари најверојатно со кундаци и чизми“.






