Според Ерменската изборна комисија, партијата Граѓански договор на Пашинјан, со 49,8 проценти од гласовите, беше далеку пред алијансата Силна Ерменија, предводена од руско-ерменскиот милијардер Самвел Карапетијан, која освои 23,3 проценти од гласовите.
Опозициските партии, Ерменската алијанса на поранешниот претседател Роберт Кочарјан и Просперитетна Ерменија, освоија 9,9 проценти и четири проценти од гласовите, соодветно. Излезноста беше 59 проценти, според изборната комисија. Пашинјан го опиша резултатот како „историска победа“, ветувајќи дека ќе „продолжи со напорите за приближување кон Западот“, а воедно ќе ги зајакне односите со Русија.
Ерменија и Русија, поврзани со два века долга историја, сè уште се официјално сојузници. Но, Ереван сè повеќе ја критикува Москва што не го спречила Азербејџан да ја заземе енклавата Нагорно-Карабах и се свртува кон Европската Унија и САД, пишува АФП.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, денес му честиташе на Пашинјан за победата, нагласувајќи дека Унијата стои „со Ерменија“. „Длабоко го цениме нашето партнерство со демократска Ерменија која сè повеќе се приближува кон Европа“, напиша фон дер Лаен на социјалната платформа Икс. „Духот на Кадифената револуција што ја водевте во 2018 година е сè уште жив“, додаде таа.
Dear @NikolPashinyan, congratulations on your electoral victory.
The spirit of the Velvet Revolution you led in 2018 is alive and well.
We deeply value our partnership with a democratic Armenia that is drawing ever closer to Europe.
Armenia can count on us.
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) June 8, 2026
Европската шефица на дипломатијата Каја Калас рече дека Ерменија избрала „европска иднина“ и покрај „силниот руски притисок“. Карапетјан, од друга страна, ги нарече изборите „срамни“, жалејќи се на нерегуларности и репресија и наведувајќи дека десет членови на неговиот предизборен стожер биле уапсени.
Вчерашните избори се одржаа во услови на години немири во земјата откако Пашинјан дојде на власт по протестите во 2018 година, ветувајќи дека ќе го укине постсоветскиот олигархиски систем.
Малата, претежно христијанска земја на Кавказот сè уште се опоравува од поразот во војната со Азербејџан во 2020 година и губењето на Нагорно-Карабах во 2023 година, што доведе до протерување на десетици илјади Ерменци од територијата за која двете земји спорат со децении.
Пашинјан, 51-годишен поранешен новинар, ги прикажа изборите како избор помеѓу долгорочен мир со Баку и повторна војна.






