„Знам дека имаше дури и состаноци меѓу некои црковни водачи што велеле дека папата е во многу посериозна состојба од кажаното. Тие се подготвувале да изберат нов папа. Нека им биде. Фала му на бога, добро сум“, рече папата Франциско во разговор со језуитите за време на неодамнешната посета на Словачка.
Кога еден од нив го прашал за неговата здравствена состојба, папата рекол дека тој „сѐ уште е жив“, иако „некои луѓе сакале да умре“, објави језуитскиот магазин „Ла цивилта католика“.
Папата беше на операција на 4 јули и помина 11 дена во болница, по што цело време служеше во Ватикан.
Тој ја критикуваше „главната католичка телевизиска станица“, која не ја именуваше, но оцени дека постојано го напаѓа.
„Можеби ги заслужувам овие напади и навреди затоа што сум грешник, но црквата не го заслужува ова. Тоа е ѓаволска работа“, додаде тој.






