среда, 29 април 2026

На левичарскиот терорист Шакалот му е одбиено намалување на доживотната казна

Објавено на

часот

Сподели

Карлос беше осуден во 2017 на доживотна казна поради напад со граната во 1974 година во продавница на париските Елисејски полиња, при што беа убиени две, а повредени 36 лица.

Во жалбената постапка која почна во средата одбраната на Карлос не бараше отфрлање на вината, туку само намалување на затворската казна, откако највисокиот француски суд ја отфрли претходната пресуда поради технички прашања и ја врати постапката на понизок суд.

Кабинетот на парискиот обвинител денес објави дека жалбата е одбиена.

Самопрогласениот „професионален револуционер“, со вистинско име Илич Рамирез Санчез, е во затвор во Франција откако специјалните сили на таа држава го уапсија во суданската престолнина Картум во 1994 година.

Рамирез, роден во Венецуела кој денес има 71 година, има уште две доживотни казни и ги загуби жалбите во тие случаи.

Една од нив е за убиството на двајца француски полицајци и доушник во јуни 1975, а другата за напади врз возови, железничка станица и париска улица во 1982 и 1983 година, при што загинаа 11 луѓе а повредени беа уште 150.

Марксистичкиот милитант во седумдесеттите и осумдесеттите стана најбараниот бегалец и најголемиот непријател на западните влади.

Стана светски познат кога во име на палестинското прашање како заложници ги држеше министрите за енергетика на државите на ОПЕК во седиштето во Виена во 1975, кога загинаа три лица.

Прекарот Шакалот му го дадоа медиумите откако еден од новинарите во неговиот стан во Лондон видел примерок од книгата „Денот на Шакалот“ на Фредерик Форсајт.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ