„На состанокот на кој присуствуваше и министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља, се разговараше за вчерашната одлука за обезбедување привремени регистарски ознаки за возилата со српски таблички при влезот на територијата на Косово“, соопшти косовската влада.
Курти кажа дека со вчерашната одлука е „спроведен законот и е обезбеден еднаков третман за сите“.
„Специјалните единици се таму за заштита на граничната полиција и граничните премини, бидејќи таму десетици демонстранти ги блокираа патиштата кои водат кон граничните премини во нивна близина“, кажа косовскиот премиер.
Тој ги известил амбасадорите за телефонскиот разговор кој синоќа го водел со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.
Министерот Свечља изјави дека „граѓаните на Србија не мора да се плашат, бидејќи преземените мерки не се против нив ниту против кого било друг, и дека полицијата не се бави со националната припадност на патниците туку ги штити и почитува сите граѓани без разлика“.
Како што соопшти косовската влада, амбасадорите и премиерот Курти се сложиле дека мора да се одржат мирот, стабилноста и безбедноста, и дека дијалогот со Белград мора да продолжи.






