Предвремените избори се одраз на долготрајната политичка и институционална криза во која движењето Самоопределување (Ветевендосје) на премиерот Албин Курти се надева на уште една победа.
Ова ќе бидат 11-ти парламентарни избори од 2001 година, кога беа одржани првите повоени национални избори, а повеќето не беа редовни.
Предвремените избори беа распишани бидејќи косовскиот парламент не успеа да избере нов претседател во уставниот рок по завршувањето на мандатот на претседателката Вјоса Османи.
Претседателот на државата се избира посредно, во парламентот.
Османи, која беше избрана за претседател во април 2021 година по победата на Самоопределување, изрази желба за втор мандат, но не ја доби поддршката од Курти. Самоопределување предложи неколку кандидати за претседател, но ниту еден од нив не ја доби потребната поддршка од опозицијата.
По истекот на мандатот на Османи, претседателските овластувања на 4 април ги презеде претседателката на парламентот, Албулена Хаџиу, која ќе биде вршител на должноста претседател до изборот на нов претседател.
Политичката и институционалната криза во Косово се продлабочи по парламентарните избори во февруари минатата година, кога, и покрај убедливата победа на Самоопределување, следеа бројни неуспешни обиди за конституирање на парламент и формирање влада.
Курти ја обвинува опозицијата за политичкиот застој, додека најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), смета дека владејачката Самоопределување е одговорна за новите предвремени избори.
Според државната изборна комисија, на изборите во недела учествуваат 21 политичка партија или сојуз.
Самоопределување, кое исто така победи на предвремените парламентарни избори минатиот декември, смета на трета победа. Османи, која се стреми да се врати на претседателската функција, во меѓувреме се врати во својата поранешна партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК).
Партијата на Курти освои 51 процент од гласовите на последните избори. ПДК беше втора со 20 проценти поддршка, ЛДК трета со околу 13 проценти од гласачите, а Алијансата за иднината на Косово (ААК) четврта со 5,5 проценти поддршка.
Десет места во 120-члениот косовски парламент припаѓаат на српското малцинство, а уште десет се резервирани за претставници на другите малцинства.
Српската листа, која е поддржана од официјален Белград, освои девет места резервирани за српската заедница на претходните предвремени избори. Десеттото место го освои листата „За слобода, правда и опстанок“ на Ненад Рашиќ, кој е министер за заедници и враќање во владата на Курти.






