Повикот на јужнокорејскиот претседател на првиот ден на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк се случува една недела по севернокорејското лансирање на балистички ракети на кое и Сеул веднаш одговори.
„Повикувам на брзо продолжување на дијалогот меѓу двете Кореи и меѓу САД и Северна Кореја“, кажа Мун Јае Ин во говорот на годинешното заседание на Генералното собрание на ОН. Тој кажа дека се надева дека Корејскиот Полуостров ќе се увери во силата на дијалогот и ќе ја доживее соработката која може да изгради мир во регионот.
По севернокорејското лансирање на две балистички ракети на 15 септември кон морето, следеше лансирање на балистичка ракета од подморница на Јужна Кореја која стана седма сила во светот со таа врвна воена технологија.
Вашингтон, сојузник на Сеул, тогаш ги осуди севернокорејските лансирања, но не и јужнокорејските, па Пјонгјанг го обвини Вашингтон за двојни аршини.
На сила се повеќе меѓународни санкции против Северна Кореја поради нејзините програми за нуклеарно вооружување и балистички ракети. Нуклеарните преговори со Вашингтон се прекинати по неуспехот на самитот во Ханој во февруари 2019 меѓу севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и тогашниот американски претседател Доналд Трамп.






