понеделник, 8 јуни 2026

Илјадници во Берлин бараат оставка од Мерц, „Тој не е мој канцелар“ (ВИДЕО)

Неколку илјади демонстранти се собраа денес во центарот на Берлин барајќи оставка од германскиот канцелар Фридрих Мерц, извикувајќи националистички слогани, антиимигрантски пораки и покажувајќи крајно десничарски симболи.

Фото: принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Полицијата процени дека околу 4.000 луѓе се собрале на протестот до пладне, иако организаторите претходно објавија собир на до 10.000 учесници. Властите соопштија дека околу 700 полицајци биле распоредени за обезбедување на протестот и дека собирот бил во голема мера мирен.

Многу демонстранти носеле германски знамиња и транспаренти со пораки како „Мерц мора да си оди“ и „Тој не е мој канцелар“. На некои транспаренти владата е обвинета дека ги игнорира грижите на граѓаните, додека владините реформи и даноците поврзани со климатската политика биле меѓу главните цели на критиките.

Демонстрантите исто така го извикувале слоганот „Ние сме народот“, историски слоган кој често се поврзува со крајно десничарските популистички движења во последните години.

Протестот беше организиран од иницијативата наречена „Проект м1лион“, која се залага за „директна демократија“ и промовира програма од 11 точки.

Меѓу барањата се запирање на миграцијата, итна депортација на сите осудени сторители на кривични дела и лица без регуларен статус на престој, суспендирање на тековните реформи во здравствениот систем и укинување на задолжителната такса за јавниот радиотелевизиски сервис.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц, конзервативен политичар кој ја предводи коалициската влада со социјалдемократите, претходно ги отфрли повиците за предвремени избори, велејќи дека политичката нестабилност би била превисока цена за најголемата економија во Европа.

Сепак, најновите анкети на јавното мислење покажуваат значително незадоволство на граѓаните од неговата работа. Според анкетата спроведена од Институтот форса помеѓу 26 мај и 1 јуни, 85 проценти од испитаниците изјавиле дека не се задоволни од досегашната работа на канцеларот Мерц, додека 13 проценти од испитаниците изразиле поддршка за неговата работа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ