„Сакаме во Кабул да видиме инклузивна влада, почитување на основните човекови и женски права и Авганистан не смее повторно да стане легло на меѓународниот тероризам“, им кажа Мас на новинарите во Словенија, каде се сретна со колегите од ЕУ на разговори за Авганистан по завршувањето на меѓународната мисија и преземањето на власта на талибанците.
„Ако тие услови бидат исполнети и ако ситуацијата тоа го дозволува, спремни сме на повторно дипломатско присуство во Кабул“, кажа тој.
За разлика од Русија и Кина, ЕУ и повеќето западни земји ги затворија своите амбасади во Кабул и така ја смалија можноста за директно влијание врз новата влада.
Французите ги интересираат намерите на талибанците
Шефот на француската дипломатија Ле Дријан за Фигаро кажа дека Париз сака да види дали талибанците ќе им дозволат на луѓето да ја напуштат земјата, ќе овозможат пристап до хуманитарна помош, ќе ги прекинат сите терористички акции и ќе ги почитуваат човековите права, особено на жените.
„Засега нема назнаки дека одат во таа насока“, кажа Ле Дријан.
„Во Авганистан постои нова реалност, ни се допаѓало тоа нам или не“, кажа Мас. „Ако Европската Унија сака да учествува, што би требала, мораме да дејствуваме брзо и да најдеме заеднички став за Авганистан“, заклучи.






