Како што информираа од скопскиот Киривчен суд, од доставените 11 предлози за определување на мерка притвор, обвинителството, по сослушување на осомничените, за двајца осомничени го преиначило предлогот во мерка куќен притвор, од кои, судот едниот го прифатил, а другиот го одбил и определил мерки на претпазливост.
„Од останатите девет предлози за притвор, судот уважи шест, а одби три и на овие три осомничени им определи мерка куќен притвор. Збирно од оваа акција во која предложени беа и мерки на претпазливост, судот на шест лица им определи ефективен притвор, на четворица куќен притвор и определени се мерки на претпазливост на девет лица“, се наведува во соопштението на судот.
Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал вчера реализираше акција во која беа приведени 14 луѓе, меѓу кои и доктори од ЈЗУ „8 Септември“ и ЈЗУ „Универзитетска клиника за дерматологија – Скопје“, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица кои организирале транспорт и дистрибуција на нелегално внесени лекови и медицински помагала.

Како што информираше МВР вчера доцна попладне, поднесена е кривична пријава против 19 физички и шест правни лица: Н.А. (43), С.К. (46), А.К. (41), М.Ѓ. (47), Ѓ.С. (32), С.М.С. (31) и В.С. (49) за сторено кривично дело повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и злосторничко здружување, В.А. (61), Р.Т.Ѓ.(53) – косопственичка на фирма од Скопје, Н.К. (42) – вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А.К. (45) – вработен како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, Д.Ф. (44) – вработен во ЈЗУ „Универзитетска клинка за дерматологија Скопје“, М.И.В. (38) – вработена како доктор во ЈЗУ „8 Септември“, А.Т. (27), С.Ф. (36) – управител на фирма од Скопје, К.А. (53)- управител на фирма од Битола, О.Д. (65) – управител на фирма од Скопје и С.А. (40) – управител на фирма од Скопје за кривично дело повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма, соизвршителство и злосторничко здружување, А.М. (38) за примање поткуп, злосторничко здружување и повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и соизвршителство, како и против пет фирми од Скопје и една од Битола за повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма.
При претресите биле пронајдени и одземени поголемо количество медицински лекови и помагала (филери, ботокс, хилурон), 39.285 евра, 2.490 швајцарски франци и 26.000 денари, патничко возило марка „порше“, поголема количина на парфеми и декларации за истите, мобилни телефони, тревкаста материја…
„Во текот на 2026 година, со јасна намера за стекнување противправна имотна корист, седуммина осомничени формирале две криминални групи, кон кои подоцна се приклучиле и останатите, користејќи правни лица од Битола и Скопје како параван за незаконските активности. Групите организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (вклучително и ботокс) од Србија, Кореја и Турција, кои нелегално ги внесувале на територијата на државата, со цел нивно складирање, дистрибуција, продажба и апликација врз трети лица. Дел од осомничените, иако биле целосно свесни дека станува збор за лекови и медицински помагала што не се увезени согласно законските прописи и за кои не постои одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, сепак вршеле естетски интервенции, со што директно го загрозиле здравјето и животот на граѓаните и предизвикале сериозна општа опасност“, информираа од Обвинителството.
Во рамки на истрагата, осомничен е и царински службеник кој, со цел стекнување противправна имотна корист, во два наврати примил поткуп за да овозможи влез на нелегална стока во државата, без да биде извршена задолжителна царинска контрола.
Истрагата опфаќа и блиски роднини на дел од осомничените, кои се осомничени дека иако знаеле за нелегалните активности, активно учествувале во преземање, складирање и чување на нелегалните лекови и медицински помагала во своите живеалишта.
Министерството за здравство апелираше граѓаните да користат услуги исклучиво од овластени и лиценцирани даватели на здравствена заштита.
„Секое постапување спротивно на законските прописи и медицинските стандарди ќе биде предмет на соодветни институционални постапки, во соработка со надлежните органи“, се наведува во вчерашното соопштение, на Министерството за здравство.
Министерот за здравство Азир Алиу преку писмена изјава кажа дека безбедноста на пациентите и квалитетот на здравствените услуги се врвен приоритет.
„Најголем дел од здравствените работници чесно, совесно и стручно ја работат својата работа. Апелираме доследно да ги почитуваат професионалните и етичките норми. Апел до граѓаните е да користат услуги исклучиво од овластени и лиценцирани даватели на здравствена заштита. Истовремено, потсетуваме на начелото за пресумција на невиност“, порача Алиу во изјавата.







