„Официјално го демантираме тоа. Тоа место е наше и така ќе остане“, соопшти Елисејската палата реагирајќи на веста објавена од британски Телеграф, според која францускиот претседател Емануел Макрон „би можел да ѝ го понуди своето место во ОН“ ако Европската Унија ги поддржи неговите планови за формирање европска војска.
„Ние координираме со ЕУ колку што е потребно со полн суверенитет“, се наведува во реакцијата на Елисејската палата.
Франција е една од петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН заедно со Кина, САД, Русија и Британија.
Телеграф го објави написот во екот на дипломатската криза меѓу Париз од една страна и САД, Австралија и Британија од друга страна поради одлуката на тие три земји да склучат стратегиско партнерство во индопацифичкиот регион, поради што Франција изгуби голем договор за продажба на подморници на Австралија.






