петок, 5 јуни 2026

Ендру фотографиран со голема модринка на лицето (ФОТО)

Поранешниот принц Ендру беше фотографиран како вози во близина на својот нов дом на имотот Сандрингам во четврток, а вниманието го привлече голема виолетова модринка на десната страна од неговото лице. Иако не е познато како ја добил повредата, се вели дека нема причина за загриженост, јави Скај њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Новите фотографии се појавија во време кога британските власти потврдуваат дека истрагите за Ендру Маунтбатен-Виндзор и лорд Питер Манделсон, кои се однесуваат на нивните врски со покојниот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, би можеле да траат повеќе од една година, пишуваат странските медиуми.

Двајцата беа уапсени во февруари под сомнение за злоупотреба на службена должност и овластувања, но беа ослободени да се бранат од слобода додека трае истрагата. И Ендру и Манделсон ги негираат сите обвиненија.

Дополнително внимание кон случајот повторно привлекоа документи од Министерството за правда на САД. Имено, уште во март, беше објавена досега првата позната фотографија на која се Ендру, Манделсон и Епстин заедно.

На фотографијата се гледа тројката како седи на маса на тераса со шолји украсени со американско знаме, а според ИТВ њуз, таа е направена на островот Мартас Вињард помеѓу 1999 и 2000 година, пред Епстин да биде осуден за сексуални злосторства.

Во документите не е наведено дека самата фотографија укажува на каква било нелегална активност, но нејзиното објавување дополнително го зголеми јавниот интерес за односот меѓу двајцата британски функционери и Епстин.

Главниот државен обвинител Стивен Паркинсон рече дека никој не треба да очекува брзо решавање на случајот.

„Навистина мислам дека никој не треба да очекува брзо решение. Воопшто не би било изненадувачки ако трае повеќе од една година, не поради недостаток на итност, туку поради самата сложеност. Постои и меѓународна димензија како дополнителен фактор што треба да се земе предвид“, рече Паркинсон.

Тој додаде дека во вакви случаи, доказите често се добиваат преку сложени меѓународни процедури во кои може да бидат вклучени странски судови, што дополнително го забавува процесот. Тој нагласи дека истрагата ја води полицијата, додека Државното обвинителство дава правни совети за време на постапката.

Новите информации доаѓаат по објавувањето на вториот сет документи поврзани со назначувањето на Манделсон за амбасадор на Велика Британија во Соединетите Американски Држави. Документите повторно ја отворија дебатата за неговите врски со Епстин и безбедносните проверки што му претходеа на назначувањето.

Ендру се пресели во Марш Фарм на имотот Сандрингам во февруари, откако го напушти својот долгогодишен дом, Ројал Лоџ. Фотографиите од модринката привлекоа дополнително внимание на јавноста додека истрагата за него продолжува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ