среда, 29 април 2026

Џонсон: Париз да се прибере и да олабави со критиките

Објавено на

часот

Сподели

Ројтерс потсетува дека минатата недела беше објавено ново одбранбено партнерство меѓу Велика Британија, САД и Австралија, кое ќе ѝ овозможи на Канбера пристап до технологија за подморници со нуклеарен погон.

Франција го обвини американскиот претседател Џо Бајден дека ѝ забил нож во грб и се однесувал како и неговиот претходник Доналд Трамп, откако Австралија го отфрли договорот со Париз за купување конвенционални подморници.

Како знак за намалување на тензиите меѓу Вашингтон и Париз, Макрон и Бајден вчера во телефонски разговор се согласиле да почнат темелни консултации со цел да се врати довербата.

Кабинетот на Макрон соопшти дека Франција следната недела ќе го врати амбасадорот во САД, кој беше отповикан минатата недела, откако Бајден се согласил дека консултацијата со Франција пред објавувањето на безбедносниот пакт со Австралија ќе го спречела дипломатскиот спор. Белата куќа објави дека двајцата лидери ќе се сретнат во Европа во октомври.

Париз минатата недела ги отповика амбасадорите во САД и Австралија во знак на дипломатски протест, но досега во голема мера ја игнорираше Британија. Лондон не беше споменуван во јавната комуникација, а официјалните лица приватно велеа дека улогата на Лондон е „димна завеса“.

Во говорот еден ден откако се сретна со Бајден во Вашингтон британскиот премиер Џонсон вчера го коментираше безбедносниот пакт: „Мислам дека е крајно време едни од нашите најдраги пријатели во светот да се ‘приберат’ и да ‘олабават’ затоа што ова е суштински голем чекор напред за глобалната безбедност“.

Тој рече дека договорот нема цел да „истисне никого, не е непријателски кон Кина. Тука е за да ги зајакне врските и пријателството меѓу трите земји“, рече британскиот премиер.

Овие коментари најверојатно дополнително ќе го налутат Париз. Два дипломатски извори велат дека се издадени инструкции за итно ограничување на контактите со Британија.

„Се чини дека целта е да се промовира глобална Британија низ целиот свет, истовремено маргинализирајќи ја Европа. Не можеме да го прифатиме тоа“, рече француски дипломатски извор, користејќи го слоганот што го користеше Џонсон за да ги опише амбициите на Велика Британија по брегзитот.

Официјалните лица за Ројтерс изјавија дека се чини дека улогата на Велика Британија во формирањето ново партнерство е поголема отколку што првично се мислеше и дека договорот начелно е формиран за време на самитот на лидерите на Г7 во Корнвол во јуни, на кој присуствуваше и Макрон.

„На Борис Џонсон навистина му е тешко да види што е проблематично во фактот дека некој не ја исполнува преземената обврска и го прекршува дадениот збор“, објави на Твитер Натали Лизом, поранешна француска министерка и европратеничка.

„Сепак, тоа е проблем кога некој тврди дека сака меѓународен поредок базиран на правила и односи базирани на доверба.“

Гневот на Париз го нагласува и фактот дека кабинетот на Макрон – во ретка постапка од таков вид – категорично го негираше пишувањето на британски „Телеграф“, во кој се наведува дека претседателот е подготвен да се откаже од постојаното место во Советот за безбедност на ОН во замена за формирање армија на Европската Унија.

Негирајќи го написот, француската влада го опиша „Телеграф“, весник за кој пишуваше Џонсон, како „англиски таблоид“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ