Британската влада објави дека 10 милиони фунти ќе бидат веднаш ставени на располагање на УНХЦР, агенцијата за бегалци на Обединетите нации, како и за други хуманитарни организации, како и за помош на засолништата и санитарните јазли на границите.
Остатокот ќе оди во земјите кои се соочуваат со пристигнување на значителен број авганистански бегалци, за да можат да им ги обезбедат основни услуги и неопходни работи, беше наведено.
„Од витално значење е да им помогнеме на оние што бегаат од Авганистан и да не дозволиме тамошната криза да ја наруши стабилноста во регионот“, рече британскиот министер за надворешни работи, Доминик Рааб.
УНХЦР процени дека до крајот на годината, околу половина милион граѓани би можеле да го напуштат Авганистан, а многумина кои бегаат одат во Пакистан, додека соседниот Таџикистан вети дека ќе прифати 100.000 бегалци.
Самата Британија соопшти дека ќе прифати околу 20.000 авганистански бегалци, а претходно овој месец објави дека оваа година двојно ќе ја зголеми хуманитарната помош и помошта за развој на Авганистан, на 286 милиони фунти.






