Анализата на примероците од 75 места на различни реки покажала дека 44 од нив содржеле микропластика, пластични честички помали од 5 милиметри.
Најголема концентрација на микропластика е утврдена во проточното акумулациско езеро меѓу Кршко и Брежице на реката Сава, според резултатите кои ги објави здружението Еколози без граници.
Според количеството микропластика во собраните примероци следи водата на реката Сава кај Домжале, реката Крка кај Оточац и Ново Место заедно со нејзините притоки, потоа Драва кај Марибор.
Од 32 реки чија вода е анализирана, примероци без микропластика биле најдени само во реките Песница, Рижана, Зацурек, Руповшчица, Тржишка Бистрица и Ледава, но состојбата во нив ќе се следи со понатамошно земање примероци.
Најчестиот материјал најден во микропластиката во загадените реки е во форма на тенки филмови настанати со распаѓање на пластичните ќеси за купување, фолии за пакување и фолиите кои се користат во земјоделството.
Присуството на полистирен кој настанува од амбалажа или материјали кои се користат во градежништвото откриено е главно во реките во близина на градовите, па така и во водата на Љубљаница, која тече низ Љубљана, и во Драва кај Марибор.
Резултатите на анализата се претставени во рамки на Месецот на науката во кој учествувале 1.400 ученици од основни и средни училишта во Словенија за да се запознаат со еколошката проблематика.
Идејата потекнала од Германија со амбиција да се прошири и на други европски држави, објави словенечката агенција СТА.






