Голем број пратеници кои беа во салата веднаш ја напуштија, додека во исто време новинарите кои ги следеа седниците беа замолени да ја напуштат зградата.
Вработените во косовското собрание, исто така, ја напуштија зградата.
Според поранешниот претседател на парламентот, Гљаук Коњуфца, безбедносните лица ги информирале дека добиле телефонска закана и дека постапиле според барањата на обезбедувањето.
Секретаријатот на косовскиот парламент соопшти дека добиле информација од полицијата дека станува збор за закана со бомба.
„Полицијата нè извести дека добила информација за аларм поради можна бомба во просториите на зградата на Парламентот. Поради тоа, побарана е евакуација на зградата. Сите се надвор“, се вели во соопштението, додавајќи дека медиумите треба да контактираат со полицијата за повеќе информации.
Нема соопштение од косовската полиција, но припадници на специјалните полициски сили пристигнаа во близина на Парламентот.
Радио Слободна Европа (РСЕ) претходно објави дека косовската полиција им наредила на пратениците и другите присутни во зградата на Парламентот во Приштина да ја напуштат зградата пред парламентарната седница, како и дека полицијата сè уште не ги коментирала причините за евакуацијата.
„Ни дадоа инструкции да излеземе, бидејќи постои можна закана. Не знаеме што се случува, нè замолија да излеземе“, изјави Абелард Тахири, пратеник од Демократската партија на Косово.