Кривокапиќ, кој ја презеде должноста од претходната влада, која потпиша договор за патот и за заем со Кина во 2014 година, го опиша автопатот како „мегаломански“ проект што „води од нигде до никаде“, пишува Њујорк тајмс во напис за „еден од најскапите автопати во светот“.
Проектот исто така ја втурна Кина во „заплетканите геополитички борби на Балканот“, пишува весникот.
Црна Гора, која ја разгневи Русија, близок пријател на Кина, со влезот во НАТО во 2017 година, сега има тешкотии да ги балансира големите долгови кон Пекинг со своите амбиции повеќе да се приближи до Западот.
Кина го поздрави проектот како ран триумф на својата иницијатива Појас и пат. Таа огромна инфраструктурна програма објавена од кинескиот лидер Си Џинпинг во 2013 година ги поврза претераната амбиција на Кина со амбициите на Мило Ѓукановиќ, премиер во времето кога почна работата на тој пат.
Но сега, кога од минатогодишните избори партијата на Ѓукановиќ веќе не е на власт за прв пат по 30 години, автопатот стана причина за обвинувања за расипништво, корупција, претерани амбиции, кои не се во согласност со економската реалност.
Во интервју во Подгорица Кривокапиќ рече дека сѐ уште нема докази, но дека сето ова укажува на корупција, и дека од економски аспект, автопатот веројатно не е исплатлив.
Според првичниот план, 40-километарскиот автопат изграден од Кина требаше да биде дел од 160-километарскиот автопат што го поврзува Бар на Јадранско Море со српската граница. Беше ветено дека со овој пат, Црна Гора, земја со само 600.000 жители, ќе стане транспортен центар за Балканот и дека тој ќе поттикне активност на сиромашниот север од земјата.
Но автопатот сега завршува среде претежно ненаселена шума и нема средства за да се продолжи, па потфатот ги разгоре шпекулациите за кинеските цели на Балканот и мотивите на претходната влада што го потпиша проектот, според Њујорк тајмс.
Дритан Абразовиќ, вицепремиер задолжен за безбедноста, во интервју рече дека нема ништо против Кина, која само сака да биде присутна во регионот.
Сепак, тој се запраша дали е мудро да се земе толку голем заем од Кина за да се ангажира кинеска компанија, која увезува кинески работници, а потоа ги носи сите пари во Кина, што, според Њујорк тајмс, е типична практика за кинеските инфраструктурни компании што работат во странство.
Абазовиќ, кој во март отиде во Брисел за да побара помош од Европската Унија за рефинансирање на кинескиот долг, додаде дека „тие направија неверојатна работа за интересите на Кина. Од наша страна, тоа беше катастрофа“.
Ѓукановиќ, кој ја раководеше зделката, ги отфрли жалбите на новата влада како „политичка врева“ и во интервјуто рече дека Кина нема интерес да се меша во работите на Црна Гора.
За време на неговата долга кариера, пишува весникот, Ѓукановиќ успеваше така што ги измамуваше ривалските сили, усојузувајќи се прво со Србија под водство на Слободан Милошевиќ, а потоа и со богатите руски инвеститори, вклучително и тајкуните блиски до Кремљ. Подоцна се сврте кон Соединетите Држави, кои го занемарија неговото минато за да ја внесат Црна Гора во НАТО, а во исто време ѝ подаде рака и на Кина, која нудеше заеми што ниту Американците, ниту Европејците не ги сметаа за паметни.
Договорот за заемот од 2014 година со кинеската Ексим банка, кој беше објавен, покажа дека Кина може да заплени имот ако земјата не ги плати долговите навреме, како што тоа го направи во Шри Ланка, каде што го презеде главното пристаниште кога земјата доцнеше со отплатата на долгот кон Кина. Но речиси сите документи поврзани со црногорскиот автопат се прогласени за тајни.
Според весникот, кога Ѓукановиќ првпат им ја предложил идејата за автопат на неколку странски компании, вклучувајќи ја и Бехтел, овој американски градежен гигант покажал интерес. Бехтел предложил поскромен и поевтин проект, но загуби од поширокиот и далеку поскап предлог на кинеската компанија „Чајна роуд енд бриџ корпорејшн“.
Ѓукановиќ бил предупреден од Роберт Гелбард, претставник на американскиот претседател Бил Клинтон за Балканот, дека треба да биде внимателен при ангажирањето на кинеската компанија. Гелбард му рекол и дека Полска неодамна го откажала својот проект за автопат со друга кинеска компанија и ги тужела за лоша изведба.
Ѓукановиќ рече дека „Чајна роуд енд бриџ корпорејшн“ била избрана затоа што ја дала најдобрата понуда. Кинеската компанија одби да дава интервјуа, пишува весникот.
Заемот ѝ создаде главоболки на Црна Гора. Заемот што го даде Ексимбанк за финансирање на проектот беше во долари, што значеше дека Црна Гора, која го користи еврото, е осетлива на промените во девизниот курс. Каматата беше одредена на два проценти годишно, што е многу повеќе од она што обично го наплаќаат европските кредитори за инфраструктурните заеми.
„Тоа беше ужасна зделка, очигледно“, рече Милојко Шпајиќ, новиот црногорски министер за финансии. Тој неодамна договори таканаречена зделка за трампа со европски и американски банки, со што заемот од кинески долари се претвори во евра.
Црна Гора минатиот месец ја даде првата рата за кинескиот заем, а Шпајиќ рече дека нема да доцни со отплатите.
Студијата на една британска компанија за црногорското Министерство за транспорт предупреди дека трошоците за изградба по планински терени ќе бидат многу високи, но и покрај тоа нејзините процени беа значително помали од 900 милиони американски долари, колку што наплати компанијата Чајна роуд енд бриџ за да изгради исклучително тешка делница од околу 40 километри.
Во студијата за економска оправданост од 2007 година на француската инженерска компанија Луи Берже беше проценето дека сообраќајот на тој автопат нема да биде толку голем за да ги оправда инвестициите од чисто финансиски причини. Компанијата додаде дека треба да се земат предвид „социјалните, политичките и економските“ фактори пред да се одлучи дали да се продолжи со проектот.
Речиси 280 милиони американски долари, односно повеќе од половина од вкупните пари исплатени на локалните претприемачи, отидоа во само една црногорска компанија, „Бемакс“, која официјално е во сопственост на поранешен сопственик на кафулиња, кој пред да премине на изградба на патишта немал искуство во тој бизнис, соопшти истражувачката група МАНС.
Пратеникот Небојша Медојевиќ тврди дека сопственикот на „Бемакс“ е близок советник на Ѓукановиќ, Милан Рочен, поранешен амбасадор во Москва. Ѓукановиќ го негираше ова и рече дека „се разбира“ дека го прашал својот советник и бил уверен дека тврдењата се лажни. И самиот Рочен категорично негираше дека е сопственик на Бемакс.
„Се шегувавме за тоа“, рече Ѓукановиќ. „Тоа се само шпекулации на политичките противници.“ Обвинувањата за корупција, додаде тој, „немаат никаква врска со реалноста во мојот случај“.
Новата влада вели дека, ако е можно, би сакала да продолжи да ја гради целата должина на автопатот со пари од ЕУ наместо од Кина и дека нема да го остави така залутан во празната шума.
Многу кинески работници заминаа бидејќи дел од нивниот пат сега е скоро завршен, а оние што останаа се сомневаат дека некогаш ќе биде изграден целиот автопат.
„Црна Гора е премногу сиромашна. Немаат доволно пари да продолжат“, се потсмеваше Шен Веи, работник од провинцијата Хенан, во централна Кина, стоејќи пред речиси напуштениот градежен камп. „Јас само сакам да си одам дома“, додаде тој.






