петок, 24 април 2026

Гардијан: ЕУ ризикува конфликт со САД поради Додик и гасоводот низ БиХ

Европската Унија ризикува конфронтација со Доналд Трамп откако се обиде да го одложи доделувањето на профитабилниот договор за балкански гасовод на компанија оја ја застапува неговиот личен адвокат, според документи во кои имал увид Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Брисел веќе се судираше со Трамп околу трговијата, Украина и воените трошоци, но интервенцијата во проектот за гасоводот „Јужна интерконекција“ се чини дека претставува прв пат ЕУ да го оспори комерцијалниот потфат на оние кои се блиски до американскиот претседател, оценува британскиот весник.

Гасоводот ќе поминува низ Босна и Херцеговина. Под она што босански извориго нарекуваат повеќемесечен притисок од страна на американски функционери, нејзините лидери брзо реагирале за да го доделат договорот на досега малку позната компанија со седиште во Вајоминг.

Компанијата ААФС инфрастракчр енд енерџи е основана во ноември минатата година и не открива кои се нејзини сопственици. Таа е застапувана од двајца водечки членови на кампањата на Трамп за поништување на неговиот изборен пораз во 2020 година: Џеси Бинал, адвокат кој го бранеше од обвиненијата за поттикнување немири во Капитол по неговиот пораз, и Џо Флин, брат на поранешниот советник за национална безбедност на американскиот претседател.

ААФС планира да инвестира 1,5 милијарди долари во гасоводот и други инфраструктурни проекти во Босна, изјави нејзиниот локален претставник.

Во март пратениците усвоија закон за кој Транспаренси интернешнл кажа дека ќе постави „опасен преседан“ со тоа што ќе предвиди дека договорот мора да ѝ припадне на ААФС без тендер.

Неколку дена подоцна претставникот на Брисел во Сараево испрати приватно предупредување до лидерите на Босна дека ги загрозуваат надежите на земјата за пристапување во ЕУ.

Во писмо испратено на 13 април, добиено од босанскиот истражувачки портал Истрага и видено од Гардијан, претставникот на ЕУ Луиџи Сорека напиша дека, според енергетскиот договор меѓу Босна и Брисел, „клучно е нацрт-законите да бидат темелно координирани“ со ЕУ.

Сорека изјави дека Брисел треба да има збор во законодавството за гасоводот.

„На овој начин, Босна и Херцеговина може да продолжи да напредува по својот европски пат и да избегне пропуштање на можностите за понатамошна интеграција, како и финансиските можности“, рече тој.

Бинал, меѓутоа, кажа дека гасоводот е „приоритет за администрацијата на Трамп“.

На прашањето за интервенцијата на ЕУ, тој рече дека „ААФС никогаш нема да го изгуби од вид она што е навистина важно во овој проект: обезбедување енергетска безбедност и поттикнување на економскиот развој за граѓаните на Босна и Херцеговина“.

„Ние сме посветени на тесна соработка со сите надлежни органи за да ја развиеме инфраструктурата потребна за да ја оствариме оваа визија“, кажа еден од двајцата познати претставници на компанијата.

Со поврзувањето на Босна и Херцеговина со терминал за течен природен гас на хрватскиот брег, гасоводот ќе му овозможи на американскиот гас да стигне до земја која е целосно зависна од Русија за своето снабдување.

Откако рускиот претседател Владимир Путин ја почна руската инвазија на Украина во 2022 година, Брисел постави рок до 2028 година за членките на ЕУ – како и за земјите кандидати како БиХ – да престанат да купуваат руски гас.

Сепак, Брисел се соочува со можноста клучна нова фигура на европската енергетска шаховска табла да падне под контрола не само на американска компанија, туку и на компанија со лични врски со антагонистички претседател.

Сајтот на компанијата ААФС прикажува голем орел, кој асоцира на американската моќ.

Веб-страницата не ги наведува вработените, но вели дека тие имаат „децениско комбинирано искуство во областите на енергетиката, инфраструктурата, финансиите и развојот на меѓународни проекти“.

Не изгледа дека ААФС некогаш презела инфраструктурни проекти од обем како оној што е планиран на Балканот, наведува Гардијан.

Бинал и Флин не се единствените од опкружувањето на Трамп кои покажаа интерес за БиХ. Братот на Џо Флин, Мајкл, поранешниот шеф на американската разузнавачка служба чија пресуда за лажење на ФБИ за неговите зделки со Русија беше поништена од Трамп со помилување во 2020 година, лобираше за „лидерот на српската националистичка фракција во БиХ“ (Милорад Додик), пишува Гардијан.

Оваа кампања на лобирање вроди со плод во октомври кога беа укинати санкциите на САД против Милорад Додик, лидерот на босанските Срби кој го поткопува мировниот договор од 1995 година со кој заврши тригодишната војна во која загинаа повеќе од 100.000 луѓе.

Во април, Доналд Трамп Помладиот, кој ја води семејната бизнис империја, го посети Сараево. Иако се чини дека ниту тој ниту Мајкл Флин не се директно вклучени во проектот за гасоводот, Додик ја даде својата поддршка на овој проект, потсетува Гардијан.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ