среда, 22 април 2026

Политико: Трамп сака да го казни НАТО, направил листа на непослушни членки

Белата куќа подготвува своевидна листа на „добри и лоши“ членки на НАТО, а администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп бара начини да ги казни сојузниците кои одбија да ја поддржат војната во Иран. Овој потег, на кој службениците работеле пред посетата на генералниот секретар на НАТО Марк Руте на Вашингтон овој месец, е најновиот знак дека Трамп има намера да ги спроведе своите закани против членките кои не ги смета за „примерни сојузници“, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Напорите на американската администрација вклучуваат детален преглед на придонесите на секоја членка во Алијансата и нивната категоризација, потврдиле тројца европски дипломати и американски функционер за одбрана запознаени со планот. Ова е нов притисок врз веќе затегнатите односи во рамките на западниот воен пакт, кои веќе се разнишани од потезите на Трамп – од обидот за анексија на Гренланд до заканите за целосно повлекување од пактот.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет изнесе слична идеја минатиот декември. „Угледните сојузници кои вложуваат поголем напор, како Израел, Јужна Кореја, Полска и сè повеќе Германија, балтичките земји и други, ќе уживаат во нашата посебна наклонетост“, кажа тој тогаш. „Сојузниците кои продолжуваат да не ги исполнуваат своите обврски во колективната одбрана ќе сносат последици“.

Еден од дипломатите потврдил дека се чини дека новиот список го одразува токму тој концепт. „Белата куќа има некаков документ на „добри и лоши“, па претпоставувам дека станува збор за сличен начин на размислување“, кажал тој.

Администрацијата ги чува деталите во тајност додека ги разгледува можните опции, а официјалните лица не објаснија какви би можеле да бидат конкретните придобивки или последици. „Се чини дека немаат многу конкретни идеи кога станува збор за казнување на лошите сојузници“, кажал друг европски функционер, кој, како и други извори, побарал анонимност поради чувствителноста на дипломатските прашања. „Преместување на трупите е една опција, но со тоа ние главно се казнуваме себеси, нели?“

Постојат малку алтернативи за преместување на американските трупи од Европа, па затоа секој план веројатно би вклучувал нивно преместување од една земја во друга. Дури и таквата промена би била скапа и би одземала многу време.

Иако не е јасно кои земји се во која категорија или дали генералниот секретар Руте е свесен за овој план, Романија и Полска би можеле да бидат меѓу најголемите победници. Двете земји сè уште уживаат во наклонетоста на ТРамп и би биле добредојдени повеќе американски војници.

Полската влада, која е меѓу членките на НАТО со највисоки трошоци за војската, веќе ги покрива речиси сите трошоци за сместување на 10.000 американски војници стационирани на нејзина територија. Неодамна проширената воздухопловна база „Михаил Когалничеану“ во Романија, која ја користат САД за нивната војна во Иран, има капацитет да смести дополнителни американски сили.

Белата куќа јасно им го искажа своето незадоволство на своите сојузници. „Додека САД отсекогаш стоеле покрај своите таканаречени сојузници, земјите кои ги штитиме со илјадници војници не застанаа покрај нас за време на операцијата „Епски гнев“, изјави портпаролката на Белата куќа Ана Кели, користејќи го името на Пентагон за војната. „Претседателот Трамп јасно даде до знаење што мисли за таа нефер динамика и, како што најави, САД ќе го запомнат тоа“.

Концептот на „примерни сојузници“ би му дал на Трамп алатка да ги разликува членките кои ги поддржале напорите на САД во Иран – како што е прекинувањето на блокадата на Техеран на Ормускиот теснец и отстапувањето на базите – од оние кои не го сториле тоа.

Додека Шпанија и сојузниците како што се Британија и Франција ги одбија или одложија американските барања за помош, Романија и неколку помали земји им дозволија на САД да ги користат нивните воздухопловни бази. Бугарија, исто така, тивко обезбеди логистичка поддршка за американските операции на Блискиот Исток.

Идејата за казнување на сојузниците веќе се соочува со отпор на Капитол хил, а има малку преседани за такви чекори. „Не е корисно кога американските лидери зборуваат потценувачки за нашите сојузи“, кажа во вторникот републиканскиот сенатор Роџер Викер. „Мора да бидеме јасни за многуте политички, стратегиски и морални придобивки кои нашата земја ги добива од своите сојузи“.

Некои поранешни функционери се сомневаат дека администрацијата на Трамп има капацитет да управува со уште една криза во рамките на Алијансата. „Трамп и неговиот тим се преокупирани со тоа да се извлечат од калта во која се заглавија“, кажа Џоел Линаинмаки, поранешен фински функционер кој работел на пристапувањето на Финска во НАТО во 2023 година. „Администрацијата веројатно нема капацитет да отвори уште еден непријателски фронт со Европа додека војната продолжува“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ