петок, 24 април 2026

Ивановски загуби во осминафиналето на јуниорскиот Вимблдон, но покажа дека Македонија има голем тениски талент

Објавено на

часот

Сподели

Македонскиот тенисер Калин Ивановски кој неодамна наполни 17 години го презентираше својот талент на јуниорскиот Вимблдон. Од тоа што го покажа можеше да се забележи дека конечно имаме тенисер кој со напорна работа може да ја претставува Македонија на големите тениски турнири.
 
По двете победи, Ивановски денеска во осминафиналето за противник го имаше седмиот носител, Британецот Џек Пинингтон Џонс кој се обиде и во квалификациите на сениорскиот Вимблдон.
 
Денешниот меч беше посебен за Ивановски, првпат играше пред речиси полно гледалиште, спроти себе го имаше најдобриот Британец во јуниорска конкуренција па дуелот се играше на третиот по големина терен на Вимблдон.
 
Ивановски одигра одличен прв сет и малку фалеше да го добие, го загуби со 7-5. Македонецот во вториот сет не освои гејм. Калин загуби дел од трпението, направи неколку неизнудени грешки, а по третиот гејм заработи и повреда на бутниот мускул поради која зема медицински тајм-аут, се врати но само за формално да го доигра мечот и со неколку убави поени да најави дека неговото време допрва доаѓа.
 
 
За Калин ова беа и први настапи на трева во кариерата, пред да го почне учеството на Вимблдон, одигра само еден меч на оваа подлога, на турнир во Рохемптон. 
 
Ивановски е во друштво на најдобрите тениски јуниори во светот, ги има сите предиспозиции да стане голем тенисер, настапот на Вимблдон треба да му биде само дополнителен поттик да продолжи да ја чекори развојната патека по која засега успешно се движи.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ