петок, 12 јуни 2026

Не е само италијанското име: Која е разликата меѓу сладолед и џелато?

Летото е незамисливо без топка од омилениот замрзнат десерт – сладолед. Сепак, иако многумина ги користат термините сладолед и џелато како синоними, тие се два различни десерти кои се разликуваат по состав, текстура и начин на сервирање. Тејст Атлас објасни која е разликата помеѓу овие два летни десерти.

Фото: Ансплеш

Објавено на

часот

Сподели

Најголемата разлика меѓу сладоледот и џелатото се крие во нивниот состав. Класичниот сладолед се произведува со поголеми количества крем и содржи меѓу 10 и 25 проценти млечни масти. Џелатото, од друга страна, главно се подготвува од млеко и значително помалку крем, па уделот на масти обично изнесува меѓу два и девет проценти.

Уште една важна разлика е тоа што сладоледот често содржи јајца, додека во традиционалното џелато тие најчесто не се користат. Помалиот удел на масти овозможува вкусовите во џелатото да бидат поизразени и поинтензивни.

Зошто џелатото е погусто и покремасто?

Освен состојките, важна улога има и начинот на производство. За време на подготовката, сладоледот брзо се меша, поради што содржи големо количество воздух – до 50 проценти од својот волумен. Токму овој воздух му дава полесна и помека текстура.

Џелатото се меша побавно и содржи значително помалку воздух, околу 20 проценти. Затоа за разлика од класичниот сладолед, тоа е густо и кремасто. Токму оваа богата текстура е една од причините поради кои многумина го сметаат за посебно гастрономско доживување.

Температурата го открива полниот вкус

Разликата се чувствува и при послужувањето. Сладоледот најчесто се послужува на температура од околу -18 Целзиусови степени, додека џелатото се послужува на малку повисока температура, околу -9 Целзиусови степени.

Оваа навидум мала разлика има големо влијание врз вкусот. Бидејќи не е толку студено, џелатото побрзо се топи на јазикот и речиси веднаш ги ослободува своите ароми. Затоа многумина неговите вкусови ги опишуваат како поинтензивни и побогати во споредба со класичниот сладолед.

Иако и двата десерта имаат свои верни обожаватели, едно е сигурно – џелатото не е само италијански збор за сладолед. Станува збор за посебен вид замрзнато слатко задоволство што од класичниот сладолед се разликува по состав, текстура и начин на послужување.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ