Ова би ја ограничило способноста на воениот пакт да спроведува напади со долг дострел и да врши надзор.
САД одлуката им ја соопштиле на своите сојузници на почетокот на јуни во пишан документ, во чии делови имал увид Њујорк тајмс.
Планирано е САД да го намалат бројот на своите ловци Ф-16 и Ф-15Е од 150 на 100, а бројот на поморски извидувачки авиони од 26 на 15.
Сите осум авиони танкери за дополнување гориво ќе бидат повлечени од Европа, како и подморница за лансирање ракети и носач на авиони со придружни авиони и неколку воени бродови.
Една од двете групи бомбардери исто така ќе биде повлечена.
Пентагон одби да коментира за конкретните бројки во документот и се повика на соопштението од својата Европска команда од минатата недела, во кое генерално објави дека има намера да го намали присуството на американските сили во Европа.
Американската војска сè уште не објавила временска рамка за повлекување, но американските претставници претходно навестија дека тоа ќе стапи на сила многу наскоро, многу порано отколку што очекуваа европските земји.
Наглото намалување на бројот на американските сили во Европа би влијаело врз способноста на НАТО да го следи движењето на руските подморници или да лансира ракети со долг дострел „томахавк“ длабоко во руска територија, според Њујорк тајмс.






