„Сите гледаат дека Русија гори, а ние сакаме да гори уште повеќе, но за тоа ни треба финансирање“, кажал функционерот кој сакал да остане анонимен. Барањето за дополнителни 20 милијарди долари ќе биде презентирано на 18 јуни на следниот состанок на Контакт групата за одбрана на Украина, позната и како Рамштајн формат, каде што сојузниците ја координираат финансиската и воената помош за Киев.
Според извори запознаени со разговорите, украинскиот министер за одбрана Михајло Федоров и други владини претставници разговарале за оваа тема за време на серија состаноци со претставници на Норвешка, Шведска, Германија и Канада.
Помошта за Украина ќе биде едно од клучните прашања на јулскиот самит на лидерите на НАТО во Анкара, на кој ќе гостува и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Буџетот за одбрана на Украина за оваа година изнесува 4,4 трилиони гривни, или околу 85 милијарди евра, а побараните 20 милијарди долари би биле додаток на таа сума.
Украина троши околу 40 проценти од својот БДП за војската, што е најголем удел во светот. Според податоците од украинското Министерство за одбрана, земјите партнери веќе ветиле 38 милијарди долари воена помош за оваа година. Дополнителни 20 милијарди би ја доближиле Украина до целта од 60 милијарди долари помош поставена од генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Доколку се обезбедат дополнителните средства, Киев планира да ги искористи за зајакнување на воздушната одбрана, зголемување на придонесите во програмата „Приоритетна листа на барања за Украина“, според која сојузниците купуваат американско оружје за Украина, како и за купување дополнителни беспилотни летала, муниција, опрема за електронско војување, системи со долг дострел и директни купувања од украинските одбранбени компании.
Целта е да се продолжат сè подеструктивните напади врз Русија. Во последните месеци, Киев тврди дека значително ја подобрил технологијата на беспилотни летала и ракети и почна повеќеслојна кампања.
Беспилотните летала со краток дострел го претвориле поголемиот дел од бојното поле во област каде што движењето е исклучително тешко, додека беспилотните летала со среден дострел ги погодуваат руските логистички и транспортни мрежи, предизвикувајќи зголемени проблеми со снабдувањето и горивото. Во исто време, беспилотни летала и ракети таргетираат цели длабоко во Русија, вклучувајќи фабрики, рафинерии за нафта, пристаништа и други стратегиски објекти.
„Украинските беспилотни системи успешно работат на различни нивоа, од извршување задачи на фронтовската линија на бојното поле до напаѓање на клучни непријателски цели стотици километри во непријателска територија“, порача Зеленски на социјалните медиуми.
Висок украински функционер истакнал дека помошта на клучните сојузници како Германија, Норвешка и Холандија помогнала во промената на динамиката на војната. Украинските напади го поттикнаа рускиот претседател Владимир Путин да побара зајакнување на системот за воздушна одбрана.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова ги критикуваше барањата на Украина за дополнителна финансиска помош. „Секој пат истата приказна: „На Киев му требаат повеќе пари“. Ако некој сака да ја илустрира идејата за политичко самоповредување, ова е најдобриот пример“, кажа таа.
Украина сака да продолжи да изгради замав против Русија пред Москва повторно да успее да го сврти балансот на моќ во своја корист.
„Можноста постепено се затвора. Русија е брза и иновативна. Ако ѝ дадеме време да се прилагоди, би можеле да ја изгубиме единствената вистинска можност да ја завршиме оваа војна преку сериозни преговори. И ако Русија развие свои беспилотни летала за напади од длабоко во територијата, тоа би било катастрофа за нас“, предупредил високиот украински функционер.






