Тој истовремено објасни дека Германија ќе реагира „флексибилно“ во зависност од успешната примена на новите правила за миграција на ЕУ и дека е можно укинување на контролите. „Доколку запирањето на надворешните граници на Европската унија се покаже како успешно, тогаш нема да има потреба од контроли на внатрешните граници на ЕУ“, кажа баварскиот политичар.
Добриндт ги отфрли критиките на одредени хуманитарни организации дека пактот ќе влијае на семејствата со деца кои би можеле да бидат сместени во центри за депортација. „Не знам зошто веднаш се дискутира за семејства со мали деца. Тука првенствено се работи за млади мажи кои се обидуваат нелегално да ја преминат границата“, кажа Добриндт.
Германскиот министер за внатрешни работи го пофали воведувањето на заедничкиот договор на ЕУ за миграција и го означи како „пресвртница“ за Европа. „Договорот за распределба на товарот на миграцијата е голем чекор напред“, кажа Добриндт. Тој истакна дека веројатно „сè од првиот ден нема да оди сто проценти како што предвидовме“, но дека постои договор и дека правилата се дополнуваат по потреба.
Кон средината на февруари Германија ги продолжи граничните контроли до средината на септември. Граничните контроли кон Австрија постојат уште од мигрантската криза во 2015 година, додека контролите на премините кон другите соседи беа воведени по заострувањето на имиграциската политика во 2023 и 2024 година.






