Во реакцијата тие предупредуваат дека верзијата на законот што е доставена до Собранието значително отстапува од текстот подготвен од Работната група, во која учествувале претставници на Јавното обвинителство, државни институции, академската заедница и меѓународни партнери.
„Голем дел од решенијата што беа резултат на повеќемесечна работа не се рефлектирани во текстот на законот, без притоа да биде дадено образложение за причините поради кои се напуштени“, наведуваат вработените.
Тие посочуваат дека иако законот се претставува како дел од реформската агенда и процесот на европска интеграција, во него недостасуваат клучните механизми за зајакнување на самостојноста на Јавното обвинителство и за издвојување на јавнообвинителската служба од системот на јавната администрација.
Според реакцијата, предложениот закон ги задржува постојните механизми на зависност во управувањето со човечките ресурси, не нуди решенија за хроничниот недостиг на кадар и не предвидува суштинско подобрување на материјалната положба на вработените.
Дополнително, останува непроменет и постојниот систем за пресметка на платите, додека најголемиот дел од одредбите се преземени од актуелниот Закон за јавнообвинителска служба.
„Наместо да обезбеди поголема самостојност на Јавното обвинителство и вистинско издвојување на јавнообвинителската служба од системот на јавната администрација, предложениот закон ги задржува постојните ограничувања, не ги надминува кадровските проблеми и не нуди решенија за долгогодишните предизвици со кои се соочува службата“, наведуваат вработените.
Тие предупредуваат дека усвојувањето на законот во сегашната форма нема да придонесе за зајакнување на институционалните капацитети на обвинителството, туку ќе ги остави на сила истите слабости поради кои реформата била иницирана. Поради тоа, ги повикуваат пратениците пред конечното гласање внимателно да ги разгледаат нивните забелешки и да обезбедат законски решенија што навистина ќе донесат самостојност, ефикасност и професионализација на јавнообвинителскиот систем.






