Според пресудата, тричлениот совет на судии целосно го поништи решението на Наставно-научниот совет од 16 април годинава. Воедно, Управниот суд го уважил и приговорот на студентот и го поништил решението за поништување на упис донесено од страна на деканот на Филозофскиот факултет на 18 март годинава.
Правната битка следеше откако факултетот донесе решение за поништување на уписот на студентот на докторските студии со што му било ускратено правото на образование, а дополнително бил оштетен за 40.000 денари колку што изнесува вредноста на правниот спор.
Пред два месеци МКД.мк откри и пишуваше дека студенти без додипломски студии на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје биле запишувани на магистерски, а потоа и на докторски студии. Откако ова било откриено од Државниот просветен инпекторат (ДПИ) и студиите им биле прекинати, на запишаните студенти сега нема кој да им ги врати парите.
По ова реагираа од Филозофскиот факултет и соопштија дека на седум студенти на магистерски студии и на четворица на докторски студии на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, чии додипломски студии биле тригодишни стручни, им се поништува уписот и статусот на студенти, односно им се прекинува студирањето.
Студентите пак реагираа и прашаа, зошто системот, кога нема каде да ја преземе одговорноста удира по најслабата алка, студентите?
Министерката за образование и наука (МОН), Весна Јаневска изјави дека Инспекторатот постапувал по поплкаки и жалби на поединци.
„Во текот на викендот ќе го обработиме (извештајот) и в понеделник веќе ќе носиме решение. Министерството и Државниот просветен инспекторат немаат избор, тие мора да постапуваат по закон. Го разбирам, апсолутно, револтот на студентите, но постојат други институции каде што тие ќе си ги бараат своите права. Она што е во ингеренции на МОН од понеделник ќе биде завршено. Сè друго во соодветните институции за да биде и по закон и правадата задоволена. Она што јас како министер и оваа Влада се залагаме и многупати сме го рекле е дека ќе се работи по закон. Постои закон по кој студентите требало да бидат запишани на втор и трет циклус студии. Државниот просветен инспекторат вели дека тој закон е прекршен. Мене ми е многу жал за тоа што им се случува, но кога се запишувале на втор и трет циклус, некој требало да им каже и тие самите да проверат каде се запишуваат“, изјави на крајот на парил Јаневска.






