вторник, 21 април 2026

Филозофски факултет на магистерски и докторски студии запишувал луѓе без завршени додипломски

Студенти без додипломски студии на Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје биле запишувани на магистерски, а потоа и на докторски студии. Откако ова било откриено од Државниот просветен инпекторат и студиите им биле прекинати на запишаните студенти, сега нема кој да им ги врати парите.

Објавено на

часот

Сподели

Како што дознаваме, се работи за десетина запишани студенти на магистерски и докторски студии, на кои по интервенција на инспекторите им биле прекинати студиите. Уписот на магистерски студии чини околу 2-3 илјади евра, а на докторските студии на Филозофскиот факултет чини 5-6 илјади евра.

Студентите сега си ги бараат парите назад, но не добиваат никаков одговор од деканатот. Неофицијално, дел од нив веќе ангажирале адвокати, а по записникот од Државниот просветен инспекторат паниката се преселила во деканатот на Филозофскиот факултет.

На прашањата на МКД.мк за овој случај, од Министерството за образование ни рекоа дека по поднесена пријава Државниот просветен инспекторат спровел вонреден инпекциски надзор. По извршениот надзор било утврдено дека на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје биле запишувани студенти на втор и трет циклус на студии (магистерски и докторски студии) без исполнување на условите предвидени со Законот за високото образование.

„Констатирани се неправилности, поради што од страна на инспекторатот се донесени соодветни решенија со кои е наложено поништување на извршените уписи, согласно законските надлежности. Во однос на прашањата поврзани со евентуално враќање на уплатените средства, надомест на штета поради изгубено време, како и последици врз работниот статус на засегнатите лица, ве известуваме дека овие прашања не се во надлежност на Државниот просветен инспекторат, туку истите може да се остваруваат во соодветни постапки пред надлежни органи и институции“, се вели во одговорот на Министерството за образование.

Декан на Филозофскиот факултет е Оливер Бакрески, а во периодот кога студентите биле запишувани тој бил продекан. Ги очекуваме одговорите на нашите прашања од Филозофскиот факултет.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ