Тобијас Коренке, правнук на протестантскиот пастор и теолог Дитрих Бонхефер, се обиде да отстрани венец од пратеничката група на АфД на комеморацијата одржана на местото каде што биле погубени главните учесници во заговорот против Хитлер, објави германската новинска агенција ДПА.
Обезбедувањето интервенирало, а за време на туркањето, венецот бил оштетен. „Многу потомци, вклучувајќи ме и мене, чувствуваат огромен гнев кога ја гледаме АфД како положува венци тука. Ние нема да го прифатиме тоа“, рече Коренке.
+++BREAKING NEWS+++
Dietrich Bonhoeffers Großneffe DISST AfD-Kranz für #Stauffenberg!
GROSSARTIG! KLARE KANTE! FCKAFD!#Wochenstart #Start_in_die_Woche https://t.co/py0qDLJAUT pic.twitter.com/G8G68jZIvf
— Anonymous Germany (@Anonymous00708) July 20, 2026
АфД на минатогодишните парламентарни избори во Германија го освои второто место и денес е најголемата опозициска партија. На изборите во три сојузни покраини во септември се надева дека за првпат ќе ја освои функцијата покраински премиер во некоја од сојузните покраини. Партијата категорично ги отфрла обвинувањата дека е екстремистичка.
Парламентарната група на АфД потврди дека обезбедила венец за комеморацијата, но не беше јасно дали некој од нејзините пратеници бил присутен, според ДПА. Пратеникот на АфД, Гец Фроминг, изјави дека партијата била поканета на такви официјални настани како една од партиите претставени во германскиот парламент.
Хитлер преживеал затоа што некој ја поместил актовката
Полковникот Клаус фон Штауфенберг на 20 јули 1944 година се обидел да го убие Хитлер со бомба скриена во актовка за време на состанок во штабот на диктаторот во тогашната германска покраина Источна Прусија. Хитлер преживеал затоа што некој ја поместил актовката до ногата на масата, со што ја намалил разорната сила на експлозијата. Заговорот пропаднал откако се проширила веста дека Хитлер преживеал.
Фон Штауфенберг и неговите соработници биле погубени само неколку часа подоцна. Бонхефер, кој бил поврзан со учесниците во заговорот, бил погубен во 1945 година.
Карл фон Штауфенберг, внукот на Клаус фон Штауфенберг, за телевизијата Велт изјави дека АфД се обидува да го искористи сеќавањето на неговиот дедо, но верува дека на партијата не треба да ѝ се забрани положување венци. „Ние сме демократи… Мора да им дозволиме на луѓето што размислуваат поинаку да зборуваат“, нагласи тој.





