вторник, 21 април 2026

Филозофски факултет: Прекинати се магистерските и докторските студии на 11 студенти со дипломи од тригодишни стручни студии

На седум студенти на магистерски студии и на четворица на докторски студии на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, чии додипломски студии биле тригодишни стручни, им се поништува уписот и статусот на студенти, односно им се прекинува студирањето.

Објавено на

часот

Сподели

Раководството на Филозофскиот факултет на УКИМ попладнево на прес-конференција соопшти дека ги почитува и ги спроведува заклучоците на Државниот просветен иснпекторат (ДПИ), кој при извршен надзор констатирал нерегуларности при упис на овие студенти на магистерски и на докторски студии и го донел решението за прекин на студирањето.

Деканот на Филозофскиот факултет, проф. д-р Оливер Бакрески, рече дека студентите не се без диплома, но дека не е испочитуван законот кој пропишува дека само со академски, но не и со стручни студии, може да го продолжат студирањето на повисоки циклуси.  Во овој случај стручните студии биле третирани како и академските, со што на студентите им било овозможено да се запишуваат на втор и на трет циклус студии, иако тоа за овој вид студии не важи според сè уште актуелниот закон од 2018 година.

Првиот студент на постдипломски студии со тригодишни стручни додипломски студии бил запишан во 2019 година. Досега не докторирал ниту еден, а магистрирале осуммина на едногодишни стручни студии. Нема решение од ДПИ дали нивните дипломи ќе останат важечки.

Бакрески рече дека ДПИ констатирал состојби кои не се во согласност со законот и врз основа на тоа го донел решението. Смета дека до оваа ситуација дошло веројатно поради различни интерпретации на законот, а не со тенденција на колективот на Филозофскиот факултет.

„Има различни интерпретации во аргументациите на наставниците и во тие сегменти каде што е постапувано се посочува одреден член од правилникот, кој не е конзистентен или создава некаква, условно, системска нерамнотежа од аспект на одредено толкување, но јас не сум тој кој може тоа доселдно да го интерпретира. Ние постапивме во согласност со решението на ДПИ, за жал мораше да ги испишеме тие студенти. Не можам ниту да бранам, ниту да амнестирам некого. Проблемот е сериозно сложен. Поголем сет на луѓе се вклучени во постапувањето и во одлучувањето. Овие состојби не се добредојдени и како декан ќе направам сè во иднина да нема вакви ситуации на факултетот“, истакна Бакрески.

Како што рече, бил фрапиран од објавата на еден на портал дека ДПИ при контрола на Филозофскиот факултет утврдил нерегуларности, со што се добило впеачток дека Факултетот е фатен во неправилности. Соопшти дека самиот тој повикал инспектори да утврдат дали е законски состојбата со овие студии. Надзорот траел од крајот на минатата година, а решението на ДПИ било донесено во март.

„Напротив, по инциции дека можеби овие студии се проблематични, јас иницирав вонреден инспекциски надзор. Не сакав јас да постапувам за да не влегувам од грешка во уште поголема грешка. Ова го правиме за сите други наши студенти да си имаат правна основа во студирањето“, додаде Бакрески.

На студентите на втор и на трет циклус, на кои им прекинува студирањето, парите што ги уплатиле за студии ќе им бидат вратени. Бакрески ги демантира написите дека тие се жалеле за поврат на средствата и оти постоела „паника во деканатот“. Самоиницијативно одлучиле да им ги вратат средствата на студентите и веќе ги контактирале за да ги добијат нивните транскакциски сметки и на некои веќе им се вратени парите.

На прес-конференцијата деканот апелираше да не се повредува угледот на Филозофскиот факултет на УКИМ, кој има традиција од над 100 години, и да се има доверба во институционалнот процес.

Редакцијата на МКД.мк не доби одговори од деканот на Филозофскиот факултет

Редакцијата на порталот МКД.мк го изнесе пред јавноста случајот со нерегуларностите при запишување на магистерски и докторски студии на студенти со завршени додипломски студии, несоодветни за продолжување на постдипломските студии на Филозофскиот факултет. За постоењто на овој случај потврда добивме преку одговор од Министерството за образование и наука, по упатено новинарско прашање. Прашања за истиот случај беа испратени и до деканот на Филозофскиот факултет, Оливер Бакревски, на кои не е добиен одговор во редакцијата, но очигледно деканот на нив одговорил пред “поширока јавност“, на прес-конференција.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ