„Попусти се фалбите на СДСМ дека граѓаните нема да плаќаат поскапа електрична енергија, со намалувањето на ДДВ-то, кое по вина на власта се одолговлекуваше во Собранието. Граѓаните не треба да бидат излажани, законското решение е до крајот на годината, а со неспособното владеење на СДСМ народот го очекува ценовен шок.
Храната е поскапа, инфлацијата е во подем, горивата се поскапени за 14 денари, сметките на граѓаните растат, платите не се доволни за нормална живеачка, а Заев без мака воведува и нови давачки, затоа што ја задолжи државата за дополнителни 2,4 милијарди евра, а тендерите во четири очи го испразнија Буџетот.
Јавноста реагира за поскапата електрична енергија, а експертите предупредуваат дека со затворањето на РЕК Битола и недоволните производни капацитети, власта која појма нема од менаџирање со државните ресурси се обидува да го осуди овој народ да плаќа даноци, нови покачувања и измислени нови давачки.
Нема да дозволиме оваа тажна реалност во која живее македонскиот граѓанин да продолжи. Со новиот концепт „Македонија за сите луѓе“ знаеме како и ќе се погрижиме да се продолжи животот на термоелектраните, што само по себе ќе обезбеди поголемо производство на електрична енергија која ќе биде поевтина за сите домаќинства. Власта не е способна на граѓаните да им обезбеди поевтина електрична енергија, но ние не само што ќе ја намалиме цената на чинење на струјата, туку и ќе обезбедиме парите од покачената акциза да се вратат кај граѓаните“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.






