сабота, 16 мај 2026

ВМРО-ДПМНЕ ги обвини Заев и Филипче дека ја избришале придавката „македонски“

Таму каде што Зоран Заев застана со антидржавната политика, сега продолжува Венко Филипче. Со прифаќањето и потпишувањето на капитулантските договори, Заев почна да го брише терминот „македонски“, додека Филипче чувар на заевата фотелја во СДС, спремен е да ја впише непостоечката и навредлива за нас Македонците придавка, „северномакедонски“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Објавено на

часот

Сподели

Како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и нејзиниот претседател Венко Филипче, „не само што немаат проблем што дел од соседите нѐ нарекуваат со тој термин, туку тие се горди на своето дело и за нив тоа претставува и голем успех“.

„Како пиун на новиот бугарски премиер, Румен Радев, како некогаш Заев на Борисов, Филипче и неговата СДС немаат проблем да водат антинационална и антидржавна политика, која е во интерес на бугарските власти. Само за нив, нема ништо лошо Бугарија да го негира нашето постоење пред 1944 година, нашите револуционери и дејци да бидат нивни и нашиот македонски јазик да го сметаат за дијалект на бугарскиот јазик. Ова негирање СДС и Венко Филипче дури и не го ни гледаат. Како приврзаник и послушник на Радев, Филипче и СДС се единствените кои повикуваат прифаќање на бугарскиот ултиматум и бараат итно спроведување на уставните измени, кои се првиот чекор од сетот барања кои самата Бугарија, односно нејзините власти, јасно кажуваат дека понатаму ќе ги има“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владеачката партија потсетуваат дека Филипче сѐ уште не одговорил на нивното прашање со што толку е уценет од група бугарски политичари за „вака антидржавно и антинародно да се однесува, и дали во оваа уцена е вклучен и неговиот ментор, Зоран Заев“.

„Кога веќе Филипче не одговара на прашањата, му упатуваме апел да се вразуми и да почне да работи и делува во заштита на македонските интереси, а не како до сега главен лобист на бугарската агенда. На Македонија и се потребни јасни гаранции дека уставните измени ќе бидат последното барање и последната отстапка што државата ќе ја направи на евроинтегративниот пат и тоа може да се постигне само со национален консензус на сите домашни политички чинители. Влезот на Македонија во ЕУ треба и мора да биде достоинствен, како што прилега на една горда и исправена држава, со исполнети Копенхашки критериуми, а не понижена со национални и идентитетски отстапки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ