Вчера попладне во СВР Штип било пријавено дека на регионалниот пат Плачковица – Штип, на делницата од село Таринци кон село Стар Караорман, се случила тешка сообраќајна несреќа помеѓу три возила. Во несреќата учествувале „фолксваген пасат“ управуван од 21-годишниот Б.М. од село Јунузлија, кој возел без возачка дозвола, „рено клио“ управувано од 45-годишниот Р.К. од Штип и „опел зафира“ управувана од 47-годишниот С.М. од Штип.
„Во несреќата тешко била повредена 50-годишната Д.М. од село Јунузлија, сопатничка во фолксвагенот, а повредите биле констатирани во Клиничката болница во Штип. За случајот бил известен јавен обвинител, а увид извршила екипа на СВР Штип“, се наведува во билтенот на МВР.
Вечерта, во СВР Битола, 42-годишната И.Д. од Битола пријавила дека на крстосницата меѓу улиците „Партизанска“ и „Никола Тесла“ била удрена од возило, при што се здобила со повреди. Според пријавата, по ударот возачот излегол од автомобилот и физички ја нападнал, а потоа избегал од местото.
„По преземените мерки било утврдено дека станува збор за патничко возило шкода со битолски регистарски ознаки, управувано од Т.М. од Битола. Полицијата работи на целосно расчистување на случајот“, информираа од МВР.
Истата вечер во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од булеварот „Јане Сандански“ и улицата „Васко Карангелевски“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „сеат“, управувано од 21-годишниот Д.Т. и мопед управуван од 32-годишниот Л.И., двајцата од Скопје.
Во несреќата, мопедистот Л.И. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“. Увид извршила екипа на СВР Скопје.
Во исто време во ОВР Кавадарци било пријавено дека на крстосницата од улиците „Методија Андонов Ченто“ и „Никола Минчев“, патничко возило „цитроен“ со кавадаречки регистарски ознаки, управувано од 56-годишната В.К. од Кавадарци, излетало надвор од коловозот.
„Во незгодата В.К. се здобила со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Кавадарци. За настанот бил известен јавен обвинител, а увид извршила увидна екипа од ОВР Кавадарци“, соопшти МВР.






