Движењето ЗНАМ за Наша Македонија обвини дека тезата оти „сите политичари се исти“ и дека поседувањето компании во странство е вообичаена пракса, претставува обид да се прикријат вистинските мотиви зад политиките кои, според партијата, одат во прилог на бугарските позиции.
Од ЗНАМ посочуваат дека постои „фундаментална разлика помеѓу транспарентноста и молкот“, нагласувајќи дека лидерот на партијата Максим Димитриевски јавно потврдил дека во 2015 година, кога не извршувал државна функција, со деловни партнери основал компанија во Бургас, Република Бугарија.
„Станува збор за компанија која од своето основање до денес практично нема остварено никаков промет, факт кој е лесно проверлив и во јавните регистри. Овој чин на транспарентност е доказ за одговорноста што еден политичар ја има пред граѓаните“, наведуваат од партијата.
Во соопштението се посочува дека јавноста сѐ уште нема одговори од Венко Филипче и семејството Заеви за компаниите во Бугарија, за кои ЗНАМ претходно објави информации на прес-конференција.
„Јавноста сеуште нема одговор на прашањата дали ги поседуваат компаниите POWER i8 Ltd, GOMASIDRA Ltd. и дали на истата адреса во Петрич се појавуваат и други фирми поврзани со лица од фамилијата Заеви“, стои во реакцијата.
Од партијата прашуваат и со кои дејности се занимаваат овие компании, како и колкав капитал и имот поседуваат во соседната држава.
„Овој молк отвора низа легитимни прашања за поврзаноста помеѓу приватните бизнис интереси и застапувањето на државните позиции“, наведуваат од ЗНАМ.
Во реакцијата се критикува и, како што велат, „необјаснивото инсистирање“ за итни и безусловни уставни измени.
„Само политичар кој е уценет или е во длабок конфликт на интереси може да застапува вакви политики на отстапки кои се директно спротивни на долгорочните национални и државни интереси“, се наведува во соопштението.
Од Движењето ЗНАМ повторуваат дека остануваат на ставот уставните измени да стапат во сила исклучиво по приемот на Македонија во Европската Унија, со целосни гаранции за заштита на македонскиот идентитет, јазик и историја.
„Секој поинаков пристап претставува откажување од националното достоинство и распродажба на највисоките државни интереси“, порачуваат од партијата.






