Комисијата повеќе нема да биде формалност. Таа ќе биде активен орган. Функционален механизам со реално одлучување и директна одговорност за правична и соодветна застапеност, употребата на јазиците, образованието и културата, со цел целосна имплементација на Охридскиот рамковен договор и Бадентеровиот принцип.
Влен става крај на практиките на институционално занемарување. Законот за правична и соодветна застапеност ќе се спроведува со целосна сериозност. Институционалната еднаквост повеќе нема да остане само на хартија“, соопшти Влен.
Аднан Азизи, пратеник од Влен, денеска со мнозинство гласови е избран за 8. претседател на Комитетот за односи меѓу заедниците.
„Барам да имаме добра соработка во иднина, на конструктивен начин, Комитетот да служи за конструктивни дебати“, порача тој.
Во составот на Комитетот од вкупно 19 членови, кои се бираат од редот на пратениците на Собранието, има седум членови од редот на пратеници – Македонци, исто толку од редот на пратеници – Албанци, по еден член од редот на пратеници – Турци, од редот на пратеници – Власи, од редот на пратеници – Срби и од редот на пратеници – Бошњаци.
Бидејќи од редот на пратениците на Собранието недостасуваше пратеник Ром, согласно Законот за Комитетот за односи меѓу заедниците беше известен народниот правобранител и тој по направени консултации со релевантните претставници на оваа заедница, дополнително предложи член на Комитетот од ромската заедница. Тоа е Јаше Сефер.
Создаден со Охридскиот рамковен договор, овој Комитет треба да биде главен форум за дијалог и дискусија меѓу заедниците за клучни прашања што може да имаат ефект врз меѓуетничките односи.






