недела, 17 мај 2026

Трамп пак со драматична АИ-слика: „Ова беше затишје пред бура“

Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа предизвика бурни реакции на својата социјална мрежа Трут сошл, објавувајќи драматична слика создадена со вештачка интелигенција, со очигледна порака до Техеран.

Фото: АИ

Објавено на

часот

Сподели

Објавата со натписот „Тоа беше затишје пред бура“ дојде по неговото враќање од Кина, во момент кога се кршат копјата околу следните американски чекори во нафтено богатиот Ормуски теснец и додека светот чека дали Вашингтон повторно ќе почне воени напади.

На сликата Трамп е претставен во бела маица и препознатливата црвена капа „МАГА“ на воен брод што плови низ разбранувано море, додека зад него стои висок командант на американската морнарица.

Во заднината, под мрачно небо проткаено од молњи, се гледаат силуети на воени бродови.

Како што пишува Њујорк тајмс, најблиските соработници на Трамп веќе изработиле детални планови за враќање на воените акции ако сегашниот ќор-сокак со Иран не се реши.

Иако Трамп сè уште не одлучил дали да ја продолжи операцијата „Епски гнев“, на новинарите во претседателскиот авион Ер форс уан им порача дека најновиот ирански мировен предлог за него е неприфатлив.

„Го погледнав, и ако не ми се допадне првата реченица, веднаш го фрлам“, изјави Трамп.

Ако Вашингтон се реши за ескалација, на маса се две главни опции: уште поагресивно бомбардирање на иранската воена инфраструктура или испраќање елитни специјални единици длабоко под земја за да обезбедат високо збогатен ураниум во нуклеарниот објект во Исфахан.

Од Техеран, пак, стигнуваат отворени закани дека нивните вооружени сили се подготвени за сите сценарија.

Претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф порача на социјалните мрежи дека Американците, ако нападнат, ќе бидат целосно изненадени.

И покрај самоуверените изјави на Трамп дека САД победуваат како и да се гледа ситуацијата, воени функционери приватно признаваат дека продолжувањето на отворена војна би било сериозен предизвик.

Според податоци на американските разузнавачки служби што ги пренесува Њујорк тајмс, Иран за рекордно кратко време повторно воспоставил контрола над поголем дел од своите ракетни позиции и подземни објекти.

Дури 30 од вкупно 33 ирански ракетни позиции долж стратегискиот Ормуски теснец повторно се целосно функционални, што претставува директна закана за американските разурнувачи и носачи на авиони во регионот.

Околу 50.000 американски војници, вклучително маринци и елитни падобранци, моментално се на Блискиот Исток, во целосна борбена готовност, чекајќи дали објавата на Трамп на социјалните мрежи ќе прерасне во официјална наредба за почеток на масовни борбени операции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ