Нуклеарното оружје е темел на руската национална безбедност, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Според неговите зборови, рускиот нуклеарен арсенал ја штити земјата од закани за нејзиното постоење.
„Една нуклеарна сила не може да биде загрозена, ниту нејзиното постоење. Тоа ни дава сигурност и тоа е темелот на нуклеарното одвраќање“, рече Песков.
Коментирајќи ги односите со Европа, Песков оцени дека сè поинтензивната дебата во Европската Унија за можни преговори со Русија претставува „голем пресврт“ и дека тоа е во интерес на Москва.
„Оваа активна дебата на таа тема, поместувањето кон идејата дека еден ден ќе мора да разговараме со Русите — тоа е добро“, рече тој.
Притоа потсети дека Русија не е одговорна за прекинот на дијалогот со Европа и дека е заинтересирана за обновување на врските.
Говорејќи за можен преговарач на Европската Унија за разговори со Русија, Песков се осврна на шефицата на европската дипломатија Каја Калас, велејќи дека „не е во нејзин интерес да биде преговарач со Русија“.
„Ако се сеќавате, Путин рече дека тоа може да биде кој било што не изговорил многу лоши работи“, додаде тој.
Претходно неделава рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија развила нуклеарни способности „без преседан во светот“, додека Москва продолжува да ги модернизира своите сили за нуклеарно одвраќање.
Путин рече дека Русија го забрзала развојот на напредни оружени системи откако САД во 2002 година се повлекоа од Договорот за антибалистички ракети.
„Затоа Русија почна да развива напредни системи без преседан во светот, способни за загарантирано пробивање на постојните и идните системи за противракетна одбрана“, рече Путин за време на видеоконференција со командантот на Стратегиските ракетни сили Сергеј Каракаев, посветена на успешното тестирање на ракетата сармат.






