недела, 17 мај 2026

Претседателката Сиљановска-Давкова се сретна со македонски интелектуалци што живеат во Словенија

Македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова која е во официјална посета на Република Словенија, денеска во македонската амбасада во Љубљана се сретна со македонски иселеници, кои со своето знаење и работа се вградиле во словенечкото општество и денес се препознаени и ценети во науката и уметноста. Сиљановска Давкова, денеска се сретна и со пратеничката во словенечкиот Парламент, Сандра Газинковски.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

„Инспиративно беше да се разговара со македонски научници, универзитетски професори, доктори, инженери, правници и уметници во Словенија. Ме информираа за професионалните дострели, за причините заради кои си заминале и за можностите за соработка со матичната држава. Се радувам кога меѓу нашите иселеници гледам успешни, реализирани и влијателни луѓе кои се почитувани во средините каде што живеат и работат“, рече Сиљановска-Давкова по средбата.

Посебна чест, додаде, е што дел од нив се добитници на високи словенечки признанија, афирмирајќи ја не само Словенија, туку и татковината.

Сиљановска Давкова, денеска се сретна и со пратеничката во словенечкиот Парламент, Сандра Газинковски.

„Со Сандра Газинковски, пратеничка во словенечкиот парламент, разговаравме за улогата и сè поголемото влијание на македонската заедница во словенечкиот општествен и политички живот. Посебно ми е драго кога гледам луѓе кои, и покрај тоа што семејните судбини ги однеле далеку, не ја изгубиле свеста за своето потекло. Напротив, преку работата и ангажманот придонесуваат за зајакнување на врските меѓу државата во којашто живеат и земјата од каде потекнуваат“, објави Сиљановска Давкова на фејсбук.

Таа нагласи дека на средбата се согласивме за важноста од решавање на конкретните прашања што го олеснуваат секојдневниот живот на Македонците во Словенија, како и унапредувањето на парламентарната соработка.

Претходно претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја посети Македонската православна црква „Св. Климент Охридски“ и оствари средба со членовите на Сојузот на Македонските културни друштва и Црковните одбори.

Во црквата македонската претседателка присуствуваше на неделна служба. По нејзиното завршување на барање на црковната заедница таа се обрати пред присутните верници.

„Каде и да сме по светот имаме еден заеднички дом, заедничко црковно катче каде може да се собереме“, рече претседателката.

Црквата и религијата, додаде таа, се многу важни за македонскиот народ и за опстојувањето на неговиот долг пат.

Претседателката Сиљановска-Давкова попладнево ќе одржи состанок со членовите на Македонско-словенечкиот бизнис клуб, додека во Крањ ќе го посети Македонското културно друштво, во чии простории се наоѓа и првата македонска библиотека.

Сиљановска-Давкова утре во Љубљана ќе биде пречекана со највисоки државни и воени почести од претседателката на Република Словенија, Наташа Пирц Мусар.

Предвидено е претседателките да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следува пленарен состанок на македонската и словенечката делегација.

Сиљановска-Давкова ќе оствари средба и со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Зоран Стевановиќ.

Во рамки на посетата на Словенија предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова да положи венец пред Споменикот на жртвите од сите војни и жртвите поврзани со војните.

Во вторник, претседателката Сиљановска-Давкова ќе одржи предавање на Правниот факултет во Љубљана на тема: „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“

МИА

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ