СДСМ во соопштението вели дека од ВМРО-ДПМНЕ лажат дека институциите молчат.
„Владата предводена од СДСМ соопшти дека за време на средбите е направен позитивен исчекор, се унапреди меѓусебната доверба и дијалог и истовремено ги демантираше написите на одредени медиуми за наводно прифатени формулации за постигнати решенија. Владата предводена од СДСМ овој процес го води транспарентно и токму затоа нема простор за никакви шпекулации и манипулации. Опозицијата е заинтересирана само да му наштети на процесот, да го блокира, да го кочи бидејќи не е во интерес на ВМРО-ДПМНЕ да се изнајде решение и земјата да оди напред“, реагира СДСМ.
Според владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ упорно стои на спротивната страна од интересите на граѓаните и на државата и, „наместо да даде поддршка на заложбите и напорите за започнување на преговори со ЕУ, прави опструкции, организира безидејни протести, шири лаги и конструкции“.
Од Владата пак, велат: „Нема и нема да има преговори за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик и тоа го знаат и го разбираат сите вклучени во процесот. Јасно и категорично ги отфрламе како неточни и штетни информациите објавени во дел од медиумите во кои се спомнуваат некакви формулации за решенија”.






