вторник, 14 јули 2026

Левица: Пуштањето на наркодилерот Цуната кажува дека „Пулс“ бил под институционална заштита

Левица преку соопштение обвини дека бегството на Александар Лазаров – „Цуната“, по кого Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница, претставува уште еден доказ за нефункционалноста на институциите и побара политичка одговорност.

Објавено на

часот

Сподели

Од партијата посочуваат дека станува збор за лице кое, според сведочења во судската постапка за трагедијата во дискотеката „Пулс“, било посочено како добро позната криминална фигура што продавала дрога во клубот.

Според Левица, судската постапка покажала дека „Пулс“ со години функционирал под институционална заштита, при што газдата и неговиот син однапред добивале информации за полициски и инспекциски контроли, а постојат сомнежи и за вмешаност на полициски службеници и други функционери.

„После ваквите сознанија, бегството на ‘Цуната’ не може да биде обичен пропуст“, велат од Левица.

Во соопштението партијата потсетува дека поднела интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, наведувајќи системски пропусти, селективно постапување и недостиг од политичка одговорност, а го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека застанало во негова одбрана.

„Ако човек чие име се споменува во судската постапка за „Пулс“ како добро познат наркодилер може да избега од полициска станица, тогаш има само две можни објаснувања – или МВР е целосно нефункционално, или криминалната мрежа што со години го штитеше ‘Пулс’ сè уште има свои луѓе во системот“, наведуваат од Левица.

Според партијата, наместо демонтажа на криминалната мрежа, бегството на „Цуната“ покажува дека институциите не можат или не сакаат да се пресметаат со криминалот.

За бегството на Цуната реагираше и СДСМ. Според нив, ВМРО и Панче Тошковски завчера му го отвориле прозорецот во полициската станица во Кочани, а вчера го пуштиле да избега.

„“Откако го пуштија да избега, распишаа меѓународна потерница. Едно исто сценарио, веќе добро видено и познато кога се ВМРО и Тошковски во прашање.Театар и замајување на јавноста додека никој не одговара а криминалци се пуштаат на слобода наместо да се пратат во затвор. Криминалци слободно си поминат преку граница, 5 тони дрога исто така поминаа преку граница а никој не одговараше. Тошковски остана министер затоа што ги штити криминалците блиски до власта. Многу прашања има за одговарање Тошковски, но пред се треба да понесе одговорност. Ова е целосен распад и класична злоупотреба на безбедносниот систем, за кој мора да има политичка и кривична одговорност.СДСМ бара целосно расчистување на случајот, утврдување одговорност на сите инволвирани и оставка од Панче Тошковски“, стои во реакцијата на СДСМ.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ