вторник, 14 јули 2026

Братот на шпанскиот премиер осуден за непотизам, девет години нема да смее да врши јавна функција

Братот на шпанскиот премиер Педро Санчез, Давид Санчез, денеска беше прогласен за виновен за злоупотреба на службената положба поврзана со непотизам и му е изречена деветгодишна забрана за вршење јавна функција, поради неговото именување на висока позиција во секторот за култура во 2017 година од страна на покраинската влада на Бадахос.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Давид Санчез беше обвинет дека имал корист од работно место креирано специјално за него поради роднинската врска со премиерот, кој ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како дел од политички мотивирана кампања предводена од крајната десница, пренесува Ројтерс.

Судот во Бадахос утврди дека работното место на кое бил назначен Санчез, а кое подразбирало надзор над музичките конзерваториуми во покраината, било создадено без реална административна потреба и наместо тоа служело за неговите лични интереси.

„Обвинетите спровеле крајно самоволно вршење на власта со единствена цел да им погодуваат на одредени поединци“, се наведува во судската одлука и се додава дека една од позициите подоцна била изменета за да одговара на интересот на Санчез за операта.

На пресудата може да се поднесе жалба.

Најновата пресуда претставува уште еден политички удар за Педро Санчез, бидејќи во изминатите две години членови на неговата влада и блиски соработници се соочуваат со низа корупциски скандали.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ