„Тоа е одлука која што е донесена од претходниот состав и пред изборите и се коси со одредени законски процедури и истата е заглавена во Централниот регистар на Република Македонија. Освен тоа што е донесена несоодветно и во несоодветно време, според информациите со коишто располагаме, истата има и низа неправилности т.е. недоречености и фали извесна документација за ова одлука. Од овие причини барам овој дневен ред да се надополни и со оваа точка како би можело да се исправат сите недоследности во носењето и процедурите на веќе донесената одлука“, рече Андоновска.
На овој предлог реагираше поранешната претседателка на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева од СДСМ, кој побара поименично гласање за овој предлог за измена на дневниот ред.
„Прво имам забелешка затоа што не е побарано итност, зошто е итна точка. Второ со Одлука за поништување на одлука не се поништува одлука за носење на улиците, тоа е деловнички прекршок тоа треба да му се укаже на претседателот“, рече советничката Јанчева.
Предлогот, пак, на СДСМ од дневниот ред на денешната седница да се тргнат точките 4, 5, 6 и 7 за избор на членови на управни и надзорни одбори во јавните претпријатија и установи, не беше прифатен. Според предлагачите, за предложените кандидати не е доставена биографија, а како што е познато, дел од нив и јавно побараа да бидат тргнати од предложените листи.
По утврдувањето на дневниот ред, беше усвоена Одлуката за субвенционирање на ЈП „Паркови и зеленило“ со која средствата кои ќе му се дадат на ова претпријатие се зголемени од 70 на 82 милиони денари, како и Планот на програми за развој за периодот од 2022 до 2024 година.
Инаку, мнозинството советници во Советот на Град Скопје, го сочинуваат советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за Албанците.






