„Голем дел од краткорочните мерки и препораки како и нивниот ефект зависи од тоа колку ќе бидат прифатени препораките од индустриите и претпријатијата. Актуелната листа со краткорочни мерки е усвоена во ноември 2017 година и се применува веќе четири години, а досега се покажало дека има многу ограничен ефект. Ова значи дека истата треба да се ревидира и да се воведат нови построги краткорочни мерки, во услови кога воздухот е екстремно загаден. Истовремено, мора посериозно и поинтезивно да се работи на мерките што треба да донесат резултати на среден и долг рок, односно целосно да се реобмисли сообраќајот и урбанизмот во Скопје (и државата).
Потребно е да се почне со децентрализирани системи за греење на обновливи извори, многукратно да се зголемат инвестициите во енергетска ефикасност, како и да се засили контролата на индустриските капацитети, особено на оние капацитети што се уште немаат интегрирана еколошка дозвола. Сите јавни објекти кои користат нееколошки начин на загревање и со тоа значително придонесуваат кон зголемување на загадувањето, мора да се конвертираат на незагадувачки енергенси. Само на овој начин ќе стигнеме до реално намалување на загадувањето во рамки на законските гранични вредности и зацртани цели.
Апелираме и ги повикува надлежните институции повторно да ја реактивираат интер-секторската работна група за амбиентален воздух која работеше под закрила на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање. Состојбата со загадениот воздух во Скопје и државата сериозно ќе почне да се решава на долг рок и со лансирањето на долгоочекуваниот Фонд за животна средина, кој властите треба што поскоро да го воспостават како независен финансиски механизам“, се вели во соопштението на Еко-свест.






