петок, 22 мај 2026

Обвинителството бара притвор за возачот кој ја предизвика тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје му предложи на Основниот кривичен суд Скопје да му изрече мерка притвор на косовскиот државјанин, возачот кој ја предизвика тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница во која загинаа оперскиот пеач Ристе Велков, неговиот син 20 годишниот Адам и уште двајца негови другари, врсници, Марко Ѓорѓиевски и Петар Миланов. Во исто време, надлежниот обвинител издал наредба за отворање истрага за да се утврдат точните причини и околности поради кои била предизвикана тешката сообраќајна несреќа.

Објавено на

часот

Сподели

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против косовски државјанин осомничен за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, соопшти вечерва Јавното обвинителство.

Осомничениот 76-годишник, информира ЈО, управувал товарно возилo МАН со прикачена полуприколка со косовски регистарски таблички, по северната обиколница на град Скопје во насока од запад кон исток. Притоа, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.

„Кога дошол во близина на клучката Мирковци брзината на движење на возилото не ја приспособил спрема својствата и состојбата на патот, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови, така што да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадени услови можел да ја предвиди. Во еден момент изгубил контрола над возилото и свртел во лево, па удрил и ја пробил металната одбојна ограда и продолжил со движење, преминувајќи на коловозот од автопатот наменет за движење на возилата од спротивната насока, каде во него со предната страна удрил автомобил БМВ кој се движел во насока од исток кон запад. По ударот автомобилот и камионот се запалиле. Во несреќата на лице место починале четворицата патници во патничкиот автомобил“, велат од Јавното обвинителство.

Како што дополнуваат, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.

Министерството за внатрешни работи  претходно соопшти дека од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Р.В. и сопатниците од неговото возило, А.В.(20), П.М.(20) и М.Ѓ.(20), сите од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ